Настани

Изложба на Рубенс Корубин со „Ателје, радоста на сликањето“ во Чифте амам!

Напишано од Пјер

На 8 октомври, со почеток во 20 часот, во Чифте амам ќе биде отворена изложбата „Ателје, радоста на сликањето“ на академскиот сликар Рубенс Корубин. Тој веќе долга низа години се наоѓа во самиот врв на современото македонско сликарство. Работи во повеќе медиуми (сликарство, цртеж, графика и мозаик), а неговите дела претставуваат ретки совршени унии помеѓу темата и начинот на експресијата.

„Уметноста на Корубин сведочи за исклучителна способност за прикажување на едно ретко емотивно богатство, а ги поседува и сите знаци на големо сликарско мајсторство. Еден романтичен сликар, тој е уметник што ја искажува сопствената деликатна визија и сопственото разбирање на материјалните и емотивните елементи што го сочинуваат нашиот свет“, се вели во најавата за проектот на Националната галерија.

На изложбата ќе бидат прикажани негови нови дела, настанати во последните неколку години. Покрај новосоздадените, истовремено на изложбата ќе бидат поставени и постари дела во сопственост на авторот, дел од неговата лична колекција, со што таа добива и ретроспективен карактер, правејќи пресек и на претходните фази во неговиот ликовен опус.

„Ателје, радоста на сликањето“ е еден своевиден јубилеј со кој авторот одбележува седумдесет години живот и четириест и пет години од дипломирањето на Ликовната академија во Белград.

Рубенс Корубин е роден во Прилеп во 1949 година. Дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Белград 1974 година. 1976 година завршил постдипломски студии во Белград, во класата на Младен Србиновиќ. 1977-1979 остварил студиски престој во Париз во L’ Ecole des Beaux Arsts кај професор Јанкел. 1986-2012 работи како професор на Факултетот за ликовни уметности. Член е на ДЛУМ од 1975 година. Имал многубројни самостојни изложби во Македонија и странство. Исто така, повеќепати и групно излагал во земјата и странство. Добитник е и на многубројни призанија и награди.

За авторот

Пјер