Бизнис совети Интервјуа

Катерина Ангеловска: “Како нација ние го немаме духот на претприемништвото“

Напишано од Mr. M

Денеска разговаравме со Катерина Ангеловска. Таа е тренер за личен развој, автор и говорник. Нејзиниот авантуристички и позитивен дух во психологијата и филозофијата резултира со титулата сертифициран тренер за принципите за успех според методот на Џек Кенфилд. Таа исто така е сертифицирана во програмите на :мастер практичар за НЛП (невролингвистичко програмирање), тренер за СПИН продажба, лично лидерство, менаџмент на тимови, реики мастер и други. Нејзината работа, пораката што ја пренесува, енергијата и личниот коучинг стил придонесоа во последниве неколку години да им помогне на голем број индивидуалци да ги остварат своите соништа. Таа е авторка на книгите 333 Афирмации и Будење на свеста.

Како Катерина се најде во светот на бизнис коучингот и личниот развој?

Дали луѓето постојат на нашата планета како победници во една космичка игра на рулет, или пак постоиме бидејќи припаѓаме на една скриена шема на природата? Најчесто луѓето одговараат на овие прашања согласно нивните верувања, кои можат да бидат научни или пак религиозни, или едноставно хибрид на овие две. Но една работа е сигурна. Доколку веруваме во скирена шема или пак грандиозна креација, ние секако можеме да ја видиме големата слика. Партиципираме во универзумот со тоа што бараме ред и се трудиме да откриеме која е шемата од каде потекнува целото постоење. Ајнштајн има кажано една голема мисла: „Сакам да го откријам умот на Бог, се друго се детали“. Која е мисијата на универзумот (Бог) е доволна причина за лична мисија и визија. Од таму потекнува се, а останатото е историја која постојано и одново ја создавам.

Колку македонските бизнисмени посеетуваат бизнис тренинзи? Дали се отворени за соработка или сеуште го имаме оној синдром “јас сам си знам што е најдобро“?

Бизнисмените во кој сектор и да работат, имаат силно влијание на човечките животи и на тоа како светот се развива. Треба да се потсетиме дека ние сме дојденци на оваа планета, и тука сме 90 или 100 години најмногу. За ова време, потребно е да работиме за да го оставиме светот да биде подобро место за живеење. Како би изгледал светот како подобро место за живеење? Подобар свет е свет во кој луѓето се среќни. Зошто? Затоа што сите луѓе имаат заедничка цел а таа е да бидат среќни, никој не сака да страда. Но денес светот се соочува со емоционална криза. Стресот, анксиозноста и депресијата се актуелни како никогаш до сега. Во компаниите луѓето работат секојдневно едни до други, но и покрај тоа што работат заедно се чуствуваат осамено и под стрес. Голема е разликата помеѓу богатите и сиромашните, и помеѓу бизнисмените, директорите и нивните вработени. Како учесници во истата економија, ние зависиме едни од други, но тенденцијата на термините „ние“ и „тие“ се повеќе ја поттикнува одвоеноста. Силниот фокус на материјалниот развој и акумулирањето на материјално богатство не донесе во состојба да ги заборавиме основните човечки потреби за добрина и грижа. Постои недостаток на одговорност едни кон други. За среќа кај нас веќе се отворени вратите на една поинаква димензија на лидерство во бизнис секторот. Имаме прекрасни предавачи со светски знаења и искуства кои влијаат на новата клима на лидерство во Македонија. И според мене бизнисмените потребно е да создадат една поинаква верзија од себе која ќе ги содржи основните човечки вредности на добрина, грижа, сочувство, толеранција, разбирање. Жените ова го знаат најдобро бидејќи тие делуваат од срце. Ставете повеќе мажи заедно, ќе добиете војна. Ставете повеќе жени заедно ќе добиете мир.

Што за Вас претставува успехот?

Повеќето луѓе денес успехот го поврзуваат со материјални добра и достигнувања на цели. Под успех подразбираат: добивање на признанија, редење сертификати и дипломи, а најмногу го гледаат низ призмата на парите. Велат дека, за да бидеме успешни, треба да сме на вистинското место во вистинското време, да сме први, да имаме комбинација на талент и напорно да работиме итн. И генералната перцепција кај мнозинството е дека сме најуспешни кога ќе станеме богати, претпоставувајќи дека ќе се ослободиме од секакви грижи и ќе живееме среќно до крајот на животот. Но успехот не е достигнување! Доколку е така, зошто тогаш постојат многу богати луѓе кои не се среќни, исполнети, ниту благодарни за тоа што станале и за она што го стекнале? Наместо да имаме материјален успех, можеме да имаме севкупен успех, да сме во благосостојба. Да имаме успешни фамилијарни врски, успешен брак, топол и спокоен дом, да сме физички здрави, да имаме висок стандард на живеење и слично. Овој сеопфатен животен успех е многу позначаен, бидејќи сме им дале внимание на сите делови од животот. Но вистината е дека суштината на успехот е само чувството и ништо друго. И тоа е вистината! Начинот на кој се чувствуваме го одредува нивото на нашиот успех. Хармонијата помеѓу умот, телото и духот го одредува нашиот успех. Успехот не претставува нешто што сме го постигнале, туку едноставно како се чувствуваме и она што сме станале!

Со кои се предизвици се соочуваме во Македонија од бизнис аспект?

Како нација ние го немаме духот на претприемништвото. Сметам дека за да дојдеме до некој конкретен раст и развој потребно е дополнително да работиме на ова поле. Пред се потребно е да се работи на едукација и промена на свеста на граѓаните, континуирано и на различни нивоа во општеството. Исто така пристапот до финансии претставува значајна бариера за иновациите и претприемништвото, како и поврзувањето со пазари надвор од Македонија.

Како е најдобриот начин да се справите со стресот кој што ни го носи работата?

Некои практицираат јога, некои вежбаат фитнес, спорт, трчање, пешачење, планинарење и друго. Но јас дополнително би препорачала практикување на медитација. Медитацијата е техника која ги развива телото, умот и духот и која дава длабока состојба на емоционална опуштеност и ментална смиреност. Во последните години расте бројот на научните и медицинските истражувања за утврдување на придобивките од практикувањето медитација. Еве само дел од нив, доведува до внатрешен мир , ослободува од стрес, ги поттикнува креативноста и интуицијата, овозможува мирен сон, ја урамнотежува емотивната состојба, ја подобрува комуникацијата со себе и другите, ја подобрува виталноста на организмот, подмладува, ги подобрува кардиоваскуларниот и имунолошки систем, воспоставува рамнотежа на умот, духот и телото, и уште многу други позитивни придобивки. Медитирајќи, ние имаме можност да комуницираме со вишото јас и истовремено да ја зацврстуваме структурата на својата личност. Медитацијата дава можност да се развијат будноста, сочувството, емпатијата, простувањето, великодушноста, трпението и љубовта. Постојат различни правци на медитација, но сите се со една заедничка цел, а тоа е да се разбуди духот, да се отпуштат мислите и да се намали стресот.

Најдобриот совет кој што би им го дале на младите претприемачи?

Најголемата грешка која човекот ја прави е да ја бара среќата надвор од себе. Среќата започнува со смирен и мирен ум. Преголемата формалност креира бариери во комуникацијата, и затоа е потребно да вежбаме интеракција повеќе срце со срце. Егоцентричноста е спротивна на вистинска човечка природа, а топло срце полно со сочуство, добрина, грижа води кон самодоверба. Верувам дека доколку следите некои од овие идеи, вашата компанија ќе биде помалку токсична и ќе креирате здрава средина, како за себе така и за сите останати.

За авторот

Mr. M