Интервјуа

Марк де Јонг ” Во мојата професија, љубовта и посветеноста се главните зачини “

Напишано од Mr. N

Нашиот тим имаше екслузивна можност да разговара со Марк де Јонг, белгискиот готвач со македонско потекло, кој многумина го знаат поради телевизиското шоу “Брза Кујна”, но и поради неговите прекрасни програмски активности за поединци, парови или мали групи во соработка со најдоброто co-working место во Македонија, Јавна Соба.

Повеќе за него, за бизнисот и за успехот, прочитајте од нашето екслузивно интервју со Марк де Јонг.

Како се роди љубовта кон кулинарството? Може ли нешто повеќе за твоите почетоци?

Како и секое дете, најверојатно и јас сум имал многу различни желби и идеи за мојата идна професија. Но, ете така случајно патот во мојата едукација ме одведе во кулинарството, уште од почетокот на моето образование, во средното кулинарско училиште во Брисел, оваа професија ми се виде многу интересна.

Можеби затоа што во системот на едукација во Белгија, имавме теоретски и практичен дел уште од самиот почеток на школувањето. Исто така имавме можност и да работиме директно во ресторани, како стажанти. Тоа ми даде можност да се запознаам со оваа професија, да ги научам тајните во кујната на секоја работна позиција, да се соочам со сите предизвици, но и да ја засакам оваа професија и да продолжам понатаму да се едуцирам и надградувам.

Уште од свои 15 години, почнав да работам во ресторани, да собирам искуство. Бев млад, сакав да учам и ги прифаќав сите предизвици. Имав можност да работам во кујна на ресторани со Michelin ѕвезди. Знаете, Белгија е земја каде има многу ресторани со Michelin ѕвезди, и за мене тоа беше можност да се соочам и со тоа искуство.

Може ли да ни кажете нешто повеќе за курсот кој ќе се одржува во Јавна Соба? Зошто се одлучивте за шпанската кујна?

Во периодот Фебруари – Април 2019, во Јавна Соба држев курсеви за Основите на Француската кујна. Беше одлично! Имав две групи кои навистина посветено учествуваа на овие курсеви. Од тие курсеви произлезе интерес да продолжиме понатаму, со курсеви втор степен на Француска кујна (најверојатно со почеток во Септември), а сега за овој летен период да организираме курсеви за Шпанска кујна на кој учесниците може да се пријават на следниов ЛИНК.

Навистина сум среќен и ми претставува задоволство, да ги споделувам техниките на готвење со сите заинтересирани учесници. Би сакал да напоменам дека овие курсеви се интерактивни, секој учесник има можност да научи, готви и на крајот сите седнуваат на маса, дегустираат тоа што сме го зготвиле заедно, коментираме околу се она што се работело на часот, воедно релаксираната атмосфера, а на крајот наздравуваме со месо и чаша вино… J

Како изгледа еден работен ден за Марк?

Секој ден за мене е различен. Во зависност од обврските, така и си го организирам моето време. Покрај телевизиското шоу во кое учествувам, овој период се подготвувам за престојните курсеви за Шпанска кујна кои ќе се одржуваат во Јавна Соба од 29 Мај – 10 Јули, но работам и како консултант за организирање/реогранизирање на работа во угостителски објекти. Исто така, работам и како персонален шеф.

Може ли да ги одвоите Вашите омилени пет јадења?

Според мене секое јадење може да биде фаворит. Се зависи како е подготвено и презентирано. На сите мои патувања, сакам да пробам традиционална кујна од земјата каде што сум и зачините кои се карактеристични за тоа подножје.

Основата во мојата кујна е Француската. Но, во последните години ја практикувам “fusion kitchen”. Мислам дека со стекнатото работно искуство во текот на овие 35 години, многу вкусови се влезени во мојата меморија, а тоа ми отвара можност да правам комбинации кои можеби за некого на почеток се чудни, но кога ќе се пробат се многу вкусни.

Која е тајната на Вашата храна и што ве прави различен од другите?

Незнам дали постои некоја тајна, едноставно јас кога готвам, тоа го правам со многу љубов. Мислам дека како и во секоја професија, така и во мојата, љубовта и посветеноста се главните зачини. Еден оброк треба да ги задоволи сите ваши сетила, односно кога ке го видите треба да ви предизвика внимание и да изгледа привлечно, да има убав мирис кој ќе ве привлече да пробате, а кога ќе пробате, тогаш вкуот треба да е добар за да ви остане во сеќавање.

Според мене, вкусот на секое јадење треба да има три степени: првиот е оној основен – природен вкус, вториот степен се чувствуваат зачините кои го подигнуваат вкусот на јадењето. На крај, третиот степен на вкус е токму оној што останува во уста и се памти.

Што е она што е карактеристично за шпанската кујна?

Шпанската кујна е многу разновидна. Имајќи ја во предвид историјата на Шпанија, разбирливо е влијанието на медитеранската и арапската кујна. Како освојувачи на нови територии, носеле нови растенија и зачини, така во Шпанија се донесени: домати, ванила, какао, компири… Многу се користат: лимони, портокали, бадеми, а од зачини најмногу се користат: цимет, шафран, ким, мелена сува пиперка (слично на нашиот буковец). Покрај добро познатите: тапас, тортиља, паеља, гаспачо, во Шпанија многу се користат и морските плодови, како и свинското месо.

5 работи без кои не можете да си го замислите денот во кујната?

Прво и основно е желбата и ентузијазмот. Сакам чиста кујна пред да почнам да работам, но и да завршам со чиста кујна. Има ред, кој треба да се знае и почитува. Секако моите ножеви и целата опрема, што се дел од мене кога работам во кујна. Свежи намирници и зачини кое ќе ми помогнат во мојата инспирација во креирање на еден вкусен оброк.

Сето ова се заокружува со задоволство кога се консумира храната која ја подготвувам.

 

За авторот

Mr. N