Интервјуа

На прво еспресо со Иван Станојевиќ

Напишано од martin

Во интересна и пријатна дружба, денеска нашиот тим првото еспресо го пиеше со Иван Станојевиќ. Основач на македонскиот бренд DIAS Shoes & Bags кој произведува custom made чанти и чевли, а истовремено и дел од адвокатската канцеларија, Станојевиќ. Преку ова кратко интервју, успеавме да дознаеме нешто повеќе за Иван, за неговиот животен стил, а плус украдовме и еден краток совет од него 🙂

Како изгледа еден работен ден на Иван?

Ако би го опишувал денот со еден збор, тогаш би кажал дека е ДИНАМИЧЕН. Не сум човек кој што може работниот ден да го помине во едно место. Денот ми е исполнет со обврски, работни активности, состаноци и по неколку моменти на задоволство. (кафе, пијалок и слично).

5 работи без кои не можеш да си го замислиш денот?

Има една изрека која ми е омилена ,,The best things in life aren’t things ,,. Што значи дека во суштина денот не би можел да си го замислам без работи кои длабоко ме исполнуваат. Но, кога станува збор за едно секојдневие денот дефинитивно не може да ми помине без добра шолја кафе, убав разговор со најблиски, телефонот и компјутерот заради обврски и без листање на некои омилени интернет страни.

Што е она што те мотивира да се справуваш со предизвиците?

Веројатно тоа се неколку работи. Кога би требало да издвојувам тоа би било, амбициите и целите кои си ги имам поставено од една страна и енергијата и решителноста за нивно остварување од друга страна.

Може ли да дадеш некој совет до младите кои што сакаат да започнат нешто свое? Што според тебе е клучот за успех?

Според мене нема универзален клуч за успех. Меѓутоа за да успееш во нешто мора длабоко и вистински да го посакуваш. Да имаш јасна цел. Да успееш да им ја пренесеш енергијата на луѓето околу тебе. Храбро да ги носиш своите одлуки и да бидеш упорен. Така на среќата ќе и биде полесно да те следи.

Како успеваш да го организираш времето со цел да бидеш попродуктивен?

Денес организацијата е една од клучните работи за успех. Затоа јас се обидувам секое утро во планерот да ги запишам обврските кои ми се поважни и приоритетни во текот на денот. На тој начин да заштедам дел од моето време и да бидам попродуктивен. Совет за крај – Слушајте го и читајте Jack Ma (сопственикот на Алибаба) за мене моментално тој е вистински инспиратор и пример на човек кој успеал и од чиј пат на успех може многу да се научи.

За авторот

martin