Интервјуа

На прво еспресо со Иво Малинковски

Напишано од martin

Денеска првото еспресо го пиеме со Иво Малинковски. Млад и успешен, хедонист, ужива во адреналинските спортови, сопственик на IT компанијата CYTROX и винарија Камник.

Како ти започнува денот, што е она кое што прво го правиш наутро?

Се будам рано, физичката активност за мене е многу важна и наоѓам задоволство во интензивно утринско пешачење до средно Водно. Ова, заедно со здрав појадок и силно еспресо (Nespresso Kazaar) ме подготвуваат за денот.

Без кои 5 работи не можеш да го замислиш денот?

Tоа би биле убавата позитивна енергија на особата која ме опкружува секојдневно, мојот лаптоп, тренинг сесија со мојот личен тренер откако ќе заврши работниот ден, Артур моето корги, и чаша добро црвено вино.

Што е за тебе тајната за успешен ден?

Планирање однапред. Успешен ден е секој ден во кој имам прилика фокусирано да работам на остварување на моите цели. За ова, треба да сум подготвен, не за една, туку се почесто за две, три и повеќе верзии на денот.

Како се организираш себеси во текот на денот?

Ретко кога се случува денот да не е испланиран претходно. Тоа е планирање и оптимизирање време и други ресурси, прилагодување и усогласување распоред и работење по веќе воспоставената агенда. Промена на планови или непредвидени ситуации се дел од секојдневието и бараат флексибилност и одлучност во носење ad hoc одлуки, особина која треба да ја поседувате природно. Меѓутоа, имам силна поддршка од луѓето со кои работам – секогаш има кој да ми помогне да надминам предизвик.

Со кого го пиеш првото кафе?

Најчесто сам, сакам да си посветам време на сам себе и да поуживам во утринската тишина пред да почне денот.

За авторот

martin