Интервјуа

На прво еспресо со Коста Петров

Напишано од martin

Днеска првото епсресо го пиеме со Коста Петров, основачот на P World, агенцијата за организирање на настани. Претприемач, говорник и ПР експерт.

Како ти започнува денот, што е она кое што прво го правиш по сабајле?

Најчесто, денот ми започнува во 5 часот наутро. Поради многуте обврски во текот на денот, особено ми е важно да имам бар еден час во денот посветен за себе. Околу шест часот веќе се буди нашата ќерка и започнуваат подготовките за училиште. Од 8.30 часот веќе сум во канцеларија.

Во последните неколку недели утринското темпо доста ми се промени поради нашата работа во Јужна Кореја и временската разлика од 8 часа. Во моментов тој период од пет до осум часот наутро ми е посветен на телефонските разговори со нашите клиенти во Сеул.

Без кои 5 работи не можеш да го замислиш денот?

Денот не можам да го започнам без добро утринско кафе. Во овој зимски период најомилено ми е Pumpkin Spice Latte и бидејќи кај нас го нема, при последното мое патување во Америка се погрижив да купам доволна залиха за цела зима. Мојата ќерка е центарот на мојот свет и не би можел да го замислам денот без неа. Некогаш е тешко да се направи баланс помеѓу работата и мојот приватен живот но се трудам да бидам најдобар татко што можам. Уживам да ги слушам нејзините приказни по завршениот училишен ден. Денот не можам да го замислам и без позитивната енергија на моите колеги но и без секојдневните лудории на нашиот француски булдог Ќире.  Меѓутоа најомилен дел од денот ми е попладнето кога целото семејство е на куп. Не би можел да го замислам мојот живот без секојдневната поддршка на мојата сопруга и љубовта на мојата ќерка.

Што е за тебе тајната за успешен ден?

Тајната на успешен живот, не само на денот е да го завршиш денот знаејќи дека си го дал максимумот, и во приватниот и во професионалниот живот. Секогаш се трудам да го дадам максимумот во се што правам. Некогаш работите не излегуваат така како што сум ги замислил но пред да легнам, сигурен сум дека сум го дал максимумот. Немам време за вртење назад, секогаш се фокусирам на овој момент, сега.

Како се организираш себеси во текот на денот?

Би сакал да ви кажам дека денот ми е организиран но ќе ве излажам. Поради различните временски зони и фактот што организираме настани во 35 земји на четири различни континенти, некогаш не знам дали е утро, дали е попладне, дали е ноќ. Живееме во свет што константно се менува и секогаш мораш да бидеш тука за твоите клиенти. Нив не ги интересира дали е 3 часот наутро во Македонија или полноќ. Само две работи во мојот работен ден се константни – знам дека секогаш ќе имам време да ја однесам и да ја земам ќерката во училиште.

Со кого го пиеш првото кафе?

Утринското кафе најчесто го пијам два часа. Започнувам сам, со своите мисли, стравови и планови а го довршувам заедно со сопругата и мојата ќерка. Следното кафе го пијам заедно со колегите во нашите канцеларии, разговарајќи за случките од претходниот ден но и подготовувајќи се за тоа што ќе донесе новиот ден.

За авторот

martin