Интервјуа

На прво еспресо со Марко Ивановски

Напишано од Mr. M

Денеска првото еспресо го пиеме со Марко Ивановски. Дел од успешниот тим на агенцијата за оргинизирање на настани, Моментум Инк.

Како ти започнува денот? Дали имаш некои утрински ритуали кои ги почитуваш?

Тоа се зависи од денот, ако е еден од петте работни, секогаш започнува со врел туш, фрлање око на календарот за денот, и правец во канцеларија… Другите два се порелаксирани, па можам да си дозволам и “успивање”, па шетање и пиење кафе, а може и некоја спортска активност/рекреација, но се се поретки во последниов период, нема да лажам 🙂

Како изгледа еден твој работен ден?

Доста динамично можам да кажам. Затоа што сепак мојата работа е поврзана со луѓе/клиенти и секој ден е приказна сама за себе, различна од претходната. Но тоа е и убавината, затоа и го сакам тоа што го работам, но гледам да не отскокнува текот од планираното и секогаш да се движи по насока претходно испланирана. Затоа што ако дозволиш тривијални работи да имаат влијание, завршниот продукт е незадоволувачки.

5 работи без кои не можеш да си го замислиш денот?

Кога ќе се проанализирам, без телефонот и лаптопот не би можел да си го замислам денот, како и без дневна доза на фудбал (страстен вљубеник на Манчестер Јунајтед, иако ми го кршат срцето последниве шест години). Другите работи варираат од периоди, пасии кој ме исполнуваат и ме прават среќен во тој даден период.

Што е според тебе тајната за успешен ден?

Подготвеноста и позитивната мисла. Верувам во тоа дека доколку имаш план по кој се водиш и знаеш секоја минута од времето како ти е алоцирана, позитивниот резултат, на крајот на денот е директна последица на тоа, а задржувањето на позитивен став/мисла за работите секогаш е од корист, затоа што не можеш да ги предвидиш околносите, се менуваат во секунда.

Со кого го пиеш првото кафе?

Првото кафе, стандардно е со дамите од Моментум Инк, проследено со смеа, разговор за секојдневни работи и збиднувања од претходниот ден … Па пренос на посериозни работи со планирање на активносите, потребите на клиентите и релизација на дневните обврски.

За авторот

Mr. M