Интервјуа

На прво еспресо со Тодор Стојчевски

Напишано од Пјер

Утрото е помудро од вечерта

Стојчевски е сопственик на Агенцијата за односи со јавност Чептер 4 Македонија. Дипломиран новинар, кој 12 години, се посветил на професијата новинарство, по што преминува во односите со јавноста….

Како изгледа еден работен ден на Тодор?

Во професијата која ја работам, односите со јавноста, не постои термин „работен ден“. Односно, секој ден е работен. Исто така, не постои термин „работно време“, бидејќи се работи согласно потребите и барањата на клиентите. Доколку успееме, во временска рамка да го распостелеме денот на работа, тогаш мојот ден почнува многу рано. Од првиот преглед на мобилниот телефон за да ги видам стигнатите пораки, преку мини-анализа на списокот со активности во денот до првиот чај со мед. Секако, неизбежен е состанокот со колегите на работа за координација за реализација на секојдневните активности и уште неколку состаноци со клиенти. Обично се трудам работниот дел од денот, што се однесува на присуството во канцеларија, да го завршам што е можно порано, но тоа не значи дека завршиле и работните ангажмани за тој ден. Бидејќи сме социјални суштества, одлучив и се трудам попладневниот дел од денот да го резервирам за семејството и за пријателите.

Дали имаш некои утрински ритуали со кои го почнуваш денот?

Конкретно дефинирани ритуали кои ги реализирам секој ден немам, но најчесто денот го почнувам со чаша чај или салеп. Веќе неколку години кафето не е дел од моето мени. Наутро милувам да прочитам нешто, затоа што овој, ако може да го дефинирам ритуал, кај мене е развиен уште од основно образование. Тогаш сфатив дека, за мене, утрото е помудро од вечерта и дека одморениот мозок може повеќе да апсорбира. Исто така, во овој период од денот, рано наутро, пред да се разбуди семејството, сум сам со себе и имам време за размислување на кои денот не дозволува да им се посвети внимание. Најчесто тоа се идни планови, езотерични теми, малку филозофија. Се трудам, иако за жал, не сум успешен во намерата, во утринските „ритуали“ да го вметнам и вежбањето. Се надевам наскоро ќе најдам начин денот да ми почнува и со утринска вежба за будење на телото. Најдобро е кога човек постигнува баланс во нештата што ги прави. Ангажман на умот, без физичка активност, не ги дава посакуваните резултати. Или, активирање на мускулатурата без умствени активности, повторно доведува до делумни ефекти.

Што е она што те прави успешен?

Се чуствувам успешен, но никогаш не велам „мојата торта е најубава“. Затоа што, во тој момент, завршува „борбата“ за уште подобро. Успехот секој го доживува различно. За некој успех е да создаде поголемо материјално богатство. За друг успех е да го искачи највисокиот планински врв или да помине повеќе километри со велосипедот. За мене успехот е збир на повеќе состојки и состојби, како што се успешни бизнис зделки, полно банкарско контро, задоволни колеги, среќно семејство и малку време за себе. За да се постигне ова, согласно мојот рецепт за успех, потребни се организираност, трудољубивост, физички и психички ангажман, дефинирана цел. Секако, потребни се и пријателите и семејството како сесрдна поддршка во секоја животна акција. Јас мојата дефинирана цел уште не сум ја остварил, но се надевам дека се движам по вистинскиот пат. Дотогаш ќе се радувам на сите успеси и неуспеси кои ја дефинираат мојата животна линија. Затоа што, за мене, успех е кога човек се радува на она што го постигнал во даден момент, но се стреми кон уште поголеми достигнувања.

Што имаш научено од твојот најголем неуспех?

Човек од сѐ учи, но најмногу од неуспесите. Лично, од мојот најголем неуспех, научив дека и во успехот и во неуспехот си сам. Не е можно, но и не е фер, за твојот личен неуспех да обвинуваш друг/и. Иако можеби друг/и влијаеле на тоа да доживееш неуспех, сепак, мислам и сум сигурен, дека тоа само ги покажува твоите слабости. Откако се случи мојот најголем неуспех, речиси една деценија подоцна, сé уште, ги осознавам слабостите кои придонесоа да се случи тој неуспех. Дефинирам каде згрешив, која „состојка“ не ја внесов во формулата за успех, кои се последиците од неуспехот и како неуспехот да го претворам во уште поголем успех. Секако, не се откажувам од идејата за успех на тоа поле, затоа што, за среќа, човек во животот има многу шанси. Се надевам при мојата следна шанса ќе ги имам в предвид сите параметри за успешна реализација на овој животен „проект“.

Кој е најдобриот совет што некогаш си го добил?

„Во животот најважно е да знаеш да губиш“. Овој совет е нешто што го дефинира моето животно милје. Многу е лесно да живееш кога добиваш, без разлика дали тоа е материјално или духовно. Како луѓе сме научени да се „носиме“ со добивката и да се китиме со перјата на успехот. Но, ретко се снаоѓаме во битката со загубата. Да изгубиш пријател кој заминал во странство, да не реализираш шанса, да си замине клиент, да пропадне некоја финансиска зделка, да не го оствариш планираното патување. Е тоа се моменти во животот во кои треба да се издигнеш над себе и од птичја перспектива, да го погледнеш „проблемот“ и да најдеш решение за духовно смирение и за продолжување по патеката кон добивањето. Многу сум благодарен на мојот драг пријател, почитуван професор и доктор, за кој со гордост може да кажам дека е мојот духовен татко, бидејќи навреме ми го даде овој и уште многу други совети.

За авторот

Пјер