Водич за патување

Најдобрите планинарски домови во Македонија за убава летна авантура

Напишано од Mr. N

Ова лето би сакале да си овозможиме по некоја авантура, да уживаме во планините кои толку многу ги сакаме и да истражиме уште од природните убавини на нашата татковина. Затоа овој пат ви го споделуваме нашиот мал, но сепак значаен список на планинарски домови, кои се функционални во Македонија.

Планинарски дом Чеплес

Планинарскиот дом Чеплес се наоѓа на планинскиот масив Јакупица на 1450 мнв. Овој дом располага со 90 легла распоредени во нов и стар дел. Доколку однапред се најавите во поголема група може да ви спремат чорба или планинско гравче, а има и можност од таму да си купите и пијалоци.

Планинарски дом Караџица

На падините на планината Мумџица која е дел од планинаскиот масив Јакупица се наоѓа планинарски дом Караџица. До домот може да пристигнете со теренско возило. Домот Караџица има капацитет од 65 легла, голема тарпезарија, опремена кујна со фрижидер, туш кабини и кафе бар. Домот работи преку целата година.

Планинарски дом Мурато

На брегот на Големо езеро на 2218 мнв. во Националниот парк Пелистер, може да престојувате во планинарскиот дом Димитар Илиевски – Мурато. До овој дом може да пристигнете со теренско возило или пак пеш од селото Ниже Поле (околу 3 часа пешачење). Домот располага со околу 50 легла, кујна и голема тарпезарија.

Планинарски дом Вртешка

На околу 35 км. од Штип на 1107 мнв. се наоѓа планинарски дом Вртешка. Располага до 30 легла, има струја, вода и централно греење. Овој дом е од отворен тип, а функционира само со предходна најава. Има патека по која може да го искачите врвот Лисец на Плачковица.

Планинарски дом Љуботен

Планинарскиот дом Љуботен е еден од најстарите домови кој е изграден во 1931 г. Сместен на 1630 мнв. под истоимениот врв. Пристап до домот има од Старо Село по земјен шумски пат по кој се стигнува за околу 2 часа, а може и со теренско возило. Домот е отворен во текот на целата година и пожелно е предходна најава кај домарот.

Навистина ќе уживате во секоја прошетка! Подгответе се за искачување, уште од денес. Искористете го ова лето за да поминете што повеќе време во преубавата природа во нашата земја!

 

 

За авторот

Mr. N