Интервјуа

Нашите бизнис приказни- Филип Петровски: “Oсобините кои се потребни за да успее се фокусот, јасната цел и трпеливоста“

Напишано од Mr. M

Нашите бизнис приказни со Филип Петровски, основач на компанијата “Data Masters”. Компанија специјализирана исклучиво во Business Intelligence и Machine Learning.

Кој е Филип Петровски? Може ли нешто повеќе за твоите почетоци? – Пред се би сакал да ви се заблагодарам за поканата и за можноста да кажам збор-два себе. Секој човек е збир на своите животни искуства. За жал или среќа мојот пат досега ме однесе низ светот и ми даде можност да живеам и во странство а да соработувам со најразлични култури и со луѓе од Европа, Јужна Америка, Блискиот Исток. Студирав и работев до Португалија, искуство кое сеуште ми е драго. Научив и стекнав голем број вештини и искуства, но како секој човек кој во даден момент се пронашол надвор од сопствената земја, сакав да се вратам и да се обидам да основам нешто во земјата која ме дефинираше како личност. Кога се вратив, “Data Masters” беше сеуште само идеја, бидејќи првично се вратив со цел да менаџирам странска компанија од истиот домен во Македонија. Тоа беше потег кој ми овозможи голема слобода и ме донесе чекор поблиску до остварувањето на сонот за една голема компанија, специјализирана исклучиво во Business Intelligence и Machine Learning.

Како започна приказната за Data Masters? – Идејата за „Data Masters“ постоеше одреден период и нејзиното основање беше само прашање на време. Многумина ме советуваа да не отворам ваква компанија во Македонија зашто е тешко, и огромен број професионалци се веќе заминати во странство и дека ваква идеја не може да успее кај нас. Исто така, поради фактот што самата област што ја работиме е повеќе консултантска и потребна е постојана интеракција со менаџментот на компанијата во која би развивале едно решение од бизнис-интелигенцијата, пријатели во Португалија ме советуваат да ја отворам компанијата во Лисабон, каде што го познавам пазарот и веќе имам контакти кои би можеле да ми помогнат да се пробијам на тој пазар.

Причината, сепак, да отворам во Македонија беше поврзана со желбата да му вратам нешто на ова општество, да му вратам нешто на факултетот каде што студирав и да придонесам во градење компанија која ќе може да го адресира и македонскиот бизнис-сектор, да пренесе светски искуства и да им овозможи на младите луѓе во Македонија да работат една област за која инаку би требало да одат во странство. Многу сум среќен што приказната за Data Masters опфаќа и образовно дејствие, со обуките кои ги нудиме за Основи на Data Science и Моделирање на податоци и Business Intelligence ние ќе започнеме да градиме нова генерација консултанти, целосно способни да ја започнат и водат промената кон информирани бизнис одлуки.

Си работел и надвор од Македонија, а сеуште работите и со странски клиенти… може ли да направиш една споредба каков е бизнис светот надвор и како е кај нас? Колкава е разликата? – Единственото нешто, според мене, вредно за посочување како разлика е отвореноста на странските клиенти кон прифаќање на податоците и нивната манипулација како адут. Доколку во странство со конкуренцијата се бориме преку иновативност, методологија и со клиентите дебатираме на сериозни прашања од областа со цел заедно да донесеме заедничко решение, тоа што ние моментално го правиме во Македонија е едуцирање на потребата од развој на решенија кои се од огромна стратешка важност за компаниите, кои го оптимизираат целокупното работење на компаниите и му овозможуваат на менаџментот комплетна поддршка при носењето оперативни и стратешки одлуки. Но има надеж, задоволен сум од начинот на кој се развиваат работите. Приемот на обуките кои ги нудиме во Data Masters, ми посочи дека професионалците полека стануваат свесни за значењето на податоците, и особено ми е драго што се појавија неколку места каде може да ја изучуваат нивната обработка.  

Како успеваш да направиш баланс помеѓу приватните и работните обврски? – Интересно прашање. Тоа е вечна битка, и јас сеуште сум во потрага на уникатна формула но би кажал дека различни методи функционираат во различен период. Најчесто гледам да го искористам викендот за комплетно исклучување од професионалните обврски, а некогаш ми успева да го исклучам телефонот и да се и да се посветам на моите најблиски. Не постои еден, вистински, апсолутен начин за создавање на баланс помеѓу овие две работи и за мене во одредени случаи е скоро и невозмжно. На прилично тежок и напорен начин дојдов до заклучокот дека колку и да е работата таа што те прави човек, човечноста ја градиш со најблиските. 

Како изгледа еден твој типичен работен ден? – Не постои типичен ден во моето работно искуство. Единственото нешто што за мене е типично, е дека работното време некогаш ми трае од 6 сабајле до 10 навечер. Покрај основните обврски работам и на голем и екстремно важен проект за компанијата кој што сам по себе е голем предизвик па затоа можам некогаш да заглавам и до доцна во ноќта или пак да работам за време на викенд. Генерално пробувам да го употребам утринскиот фокус за да го испланирам денот кој ми следи и да рефлектирам на изминатиот.

Каква е според тебе бизнис климата во Македонија, за твојата област во која работиш?- Времињата конзистенто се менуваат. Бизнис климата во Македонија е “work in progress” поради големиот ризик за основање на компанија тука и секако бројот на луѓе за вработување кои си заминуваат по странство. Но, на сето тоа јас гледав како предизвик и одлучив дека бизнис климата е во наши раце и секако може да се промени. Тоа беше и дополнителна причина за моето основање на компанијата во Македонија. Ние работиме во таков сектор, кој нуди работа на секој, без разлика каде се наоѓа, со можност за работа од дома. Мислам дека моментално младите го разбираат значењето на унапредување на домашната бизнис атмосфера. Работењето по странство го изгуби својот шарм, сега сфаќаме колку повеќе значи да успееш во својата земја, меѓу твои луѓе. Ми се допаѓа развитокот низ кој поминуваат компаниите (особено оние во IT сферата) со цел да ги задржат и усреќат своите вработени.

Колку младите во Македонија се спремни да ризикуваат за успех? – Генерално, младите од генерација во генерација се сѐ понапредни и понапредни. Генерациите кои доаѓаат се оние од кои зависи сиот наш труд и чија заслуга ќе биде успехот. Не е проблемот во нивната спремност за „ризикување“, они се повеќе од спремни. Од нас зависи да им создадеме пат кој ќе им дозволи да бидат успешни во полето во кое сакаат да работат, без притоа да мораат да се одвојат од своите семејства и да ја напуштат својата земја за да го постигнат тоа.

Дали е тежок патот до успехот, и што според тебе е потребно да се успее во бизнисот? – Сето тоа зависи од начинот на кој дефинираме „успех“. Доживотно учиме и се развиваме така што постојано стануваме се поуспешни и поуспешни. Јас лично за себе сметам дека ме чекаат уште многу многу предизвици пред да се кажам успешен, меѓутоа давам се од себе. Бизнисот е маратон и не е важно колку сме брзи до сега туку како ќе завршиме по одредено време така што појдовната особина кој секој треба да ја има за да успее е фокусот, јасната цел и трпеливоста.

Кој е најдобриот совет кој некогаш си го добил? – Не е важно што ќе работиш, само работи со љубов и стреми се да бидеш меѓу најдобрите во областа за која ќе се определиш.

Како најчесто го користиш слободно време? –  Сакам да патувам со моите најблиски. Патувањето ме смирува и ми нуди свежа перспектива на работи кои инаку знаат да изгледаат како поголем проблем отколку што се. Секоја слободна минута ја користам да го надокнадам времето кое сум го пропуштил со оние кои највеќе ми значат.

За авторот

Mr. M