Фитнес

Персонален фитнес тренер – дали воопшто вреди најмување на таков ?

Напишано од Mr. N

Кога станува збор за персонални фитнес тренери и за тоа како на нив гледа општеството, дефинитивно може да се каже дека целото движење е во пораст и е во позитивен правец. Се повеќе и повеќе индивидуи кои сакаат позитивна промена во својот живот и физички изглед, бараат помош од искусно лице да им помогне да бидат насочени правилно; нешто што не беше случај пред 4-5-6 години. Иако скептицизмот сеуште постои во форма на “што ќе му давам пари на некој да ми каже како да вежбам и што да јадам, јас се си знам” не е во толкава мера како што била. Како интересен податок, најчесто оние што “знаат се” и категорично одбиваат некој да им помогне, заштедувајќи им драгоцено време и пари, се оние што немаат никаков значителен прогрес.

Најмувањето на стручна личност и барање помош од истата не е ништо срамно, понижувачки ниту ново. Кога некој има проблем со математика и подолг период не може сам да го реши, едноставно плаќа на професор кој методолошки може да му помогне да го надмине проблемот. Слично е и со релацијата тренер – клиент.
НО, тука има еден голем проблем (особено ќе ме разберат оние кои работат како тренери). Најмувањето на тренер најчесто доаѓа во пакет со огромни очекувања; дека тренерот ќе ја заврши најголемата работа што е во старт грешно. Искусниот тренер не може да ви заврши речиси никаква работа. Контардикторно, нелогично ? Па зашто би најмиле тогаш ?
Затоа што тренерот може да ви го покаже правецот, може да ви каже што, кога и колку да конзумирате во текот на еден ден во зависно од целта. Може да биде со вас секој ден на тренинг. Но, тоа е само 1 час во денот. Што вие правите останатите 23 часа надвор од просторијата со тешко железо зависи само и само од вас. Никој не може да трча по вас и да ви кажува и/или да ве моли што, кога и колку треба да конзумирате. Сите знаеме дека исхраната игра голема улога во достигнување на било која цел, а особено во намалувањето на килограми/топење масти, кога има одредена рестрикција на (омилени) видови на храна и константен калориски дефицит.

Резултатот е следен – подолг временски период клиентот нема значителна промена поради тоа што отстапува од посочениот начин на исхрана, пропратно на тоа се јавува фрустрацијата и доаѓа до прекин на соработката со тренерот. И секако, секогаш е полесно да се обвини друг од колку самиот себе, правејќи анти реклама на тренерот поради својата неспособност да се справи со одреден начин на исхрана.

Заклучок: тренерот може да ви помогне но само до одредена мера; давајќи го правецот и насоката во исхраната и тренингот. Но, тој/таа не може да ја врши работата која ВИЕ треба да ја правите.

Совет за оние кои сакаат вистинска промена во својот физички изглед – не се двоумете, најмете си тренер. Кога би можел да се вратам пред 5-6 години кога почнав да вежбам, веднаш би најмил некој значително поискусен од мене да ми го покаже правецот, за да не губам време и секако, пари. Пронајдете ја личноста на која вие мислите дека можете да му верувате и најмете го.

За авторот

Mr. N