Интервјуа

Пример вистински хедониста! Ужива во пури, часовници, автомобили… Габриел Стибел за Friday.mk

Напишано од Mr. M

Денеска имавме можност да разговараме со Габриел Стибел. Автор и водител на емисијата Гарден Клуб Градини која се емитува на ТВ Телма веке 9 сезона, изработува фонтани и уредува градини, меѓународен кинолошки судија, колекционер и пасиониран уживател на пури и админ на групата Пура Култура и презентер во ЛГА Импорт и Тобако.

Како Габриел се најде во светот на уредување на дворови? Како се роди љубовта кон тоа? 

Од најраното детство ја сакав природата и животните. Далечната 1990 година заедно со мојот татко имавме пет шоп во кој ја изработивме првата фонтана во натур стил. На многу луѓе им се допадна фонтаната и така започнавме бизнис со изработка на фонтани и ја регистриравме првата компанија во Македонија специјализирана за изработка на фонтани Алојз Фонтани. Компанијата постои од 1991 година до денес. Рачно изработивме стотици фонтани кои се уникатни, а во 2004 година имавме и изложба на собни фонтани. Со нив со голем успех се претставивме и во Минхен, Германија каде имавме исто така изложба. Изработувајки фонтани во градините почнав да се занимавам и со комплетно уредување на градини пред се во натур стил. Пред 12 години дојдов до идеја да направам емисија за градини и желбата ми се оствари пред 9 години па така емисијата Гарден Клуб Градини е единствена емисија од овој тип во етерот која се занимава со уредување на градините и сите проблематики поврзани со градините.

Можеш ли да ни кажеш нешто повеќе за твојот животен стил? Храна, пијалок, пури, хобија…

Што се однесува до храната, гурман сум и затоа имам вишок килограми, не сум пребирлив но преферирам морска храна медитеранска храна и се што е спремено со љубов. Од пијалоци пијам речиси се и не ми е толку важен пиајалокот колку што ми е моментот и друштвото. Сепак сакам добар коњак, ликер, добро црвено вино, се разбира и добро кафе пред се.

Пурите се моја пасија, уживам во добри пури веќе подолго време, посебно ме интересира начинот на правење на пури, врстите на тутун и ритуалот на конзумирање на самата пура. Така дојдов до идеја да направам фб група наречена Пура Култура каде членуваат повеќе уживатели на пури од Македонија и странство.

Кинологијата е мое хоби кое е составен дел од мојот живот веке 28 години. Бев активен одгледувач  на расата германски овчар и постигнав одлични резултати со кучињата од мојата одгледувачница победувајки на многу државни и меѓународни изложби. Од 2007 година се вклучив во организација на кинолошки изложби и манифестации под покровителство на Кинолошкиот сојуз на Р. Македонија. Во 2004 година станав меѓународен кинолошки судија и во овие 15 години како судија, судев на многу престижни изложби во Македонија и странство од каде имам прекрасни спомени.

Важиш за љубител на часовници. Може ли да ни кажеш нешто повеќе за тоа? 

Часовникот е единствениот накит што му остана на модерниот маж, се друго може да биде ин или аут но часовникот е нешто што останува и секој маж го идентификува како персона во однос на неговиот стил. Сакам часовници без разлика дали се од познати и скапи брендови или помалку познати, љубител сум на винтиџ часовници односно модели кои обележале едно време без разлика дали се класични, елегантни или се спортски, пилотски или нуркачки. Што се однесува до часовниците во мојата колекција имам часовници од повеќе брендови, обожувам механички часовници бидејки на нив имаат работено многу луѓе. Со самото тоа што во еден таков механички часовник е вложен труд на повеке од 200 раце, тој часовник има душа! Ги ценам витиџ часовниците кои се докажале со својата прецизност и издржливост, некои од овие часовници обележале една цела епоха. Некои од нив биле користени во воени услови, спортски настани како пилотски часовници ,часовници за нуркање и елегантни класични часовници. Швајцарските часовници се најпознати во светот, покрај овие часовници мои омилени се јапонскиот Сеико, кој е мој омилен бренд пред се поради неговата издрзливост и прецизност како и германскиот бренд Јунгханс поради својот изглед кој е дизајниран од страна на Макс Бил и е ремек дело на минимализмот.

Освен часовници и пури, љубител си на автомобилите. Возиш Фиат Барчета…

Отсекогаш сум сакал олдтајмери и кабриолети. Долго време барав автомобил олдтајмер кој би го реставрирал и случајно во еден амбар буквално како во емисиите на дискавери налетав на Барчетата и тоа беше љубов на прв поглед. Морав да ја имам, бидејки и таа го чекаше нејзиното второ раѓање. Се погрижив да ја средам како што мене ми се допаѓа и мислам дека направив добар избор. Барчетата влегува во категорја на модерен класик, интересно е тоа дека е родстер двосед произведен во Италија од страна на Фиат додека неговиот дизајнер е познатиот грчки дизајнер Запатинас. Барчетата како автомобил има фанови насекаде во светот, постојат многу клубови кои организираат тури во ревиално возење каде луѓето се дружат и уживаат.

5 работи без кои не можеш да си го замислиш денот?

Денот го започнувам рано. Станувам во 6:30 најдоцна 07:00 часот наутро и веднаш појадувам.  Кафето е мој ритуал и тоа е една од работите без кои не можам да го замислам денот.  Кога пијам кафе не мислам на обврските туку уживам. Имам домашен миленик куче Џек од расата Лхаса Апсо и му посветувам љубов и внимание, а тоа е една од работите кои се ставен дел од денот. Разговорите со моите најблиски мојата фамилија и со соработниците се исто така составен дел од мојот ден, јас сум човек кој се слуша со пријателите и соработниците и кога ништо не ми е потребно од нив, таа особина моите пријатели ја ценат, а исто така и јас ја ценам многу кај другите. Пурите се моја пасија во работните денови. Уживам во добра пура по завршениот работен ден или додека правам презентации за конзумирање пури. Исто така секојдневно со големо уживање правам фотографии со пури и пијалоци. Во викендите уживам да пушам пури во утринските часови.

View this post on Instagram

#cigaraficionado

A post shared by Gabriel Stibel (@gabrielstibel) on

Што е според тебе пресудно за успех и за да се успее во она што се работи? 

За да успееш во она што го работиш мораш прво да истражуваш како правилно тоа да го сработиш без да губиш време и финансии. Кога работиш нешто се концентрираш само на тоа и влегуваш во суштината на материјата. Ако немаш на почетокот успех биди упорен барај начин како да дојдеш до резултат, можеш да застанеш некогаш да легнат работите, но не смееш никако да се откажеш, кога тогаш упорноста се исплати тоа е пресудно за успехот.

Како успеваш да направиш баланс помеѓу приватните и работните обврски? 

Тајната е во утрото, тогаш го купувам денот. Најбитно е да си направите приоритена листа на обврски и доклоку приоритетните работи се завршат до 12 часот најдоцна 13 часот, се понатака во текот денот е лесно.  Многу е важна правилна организација и за се ќе имате време. Некогаш ако нешто не оди,  на сила не правам ништо, оставам да се сталожат работите, а потоа со нови сили.

Важиш за вистински хедониста… Уживаш во пури, сакаш часовници,  автомобили и патувања. 

Хедонизмот е цела филозофија, многу луѓе не ја разбираат суштината на хедонизмот па некои од нив мислат дека хедонизмот е порок па дури дека е и негативна појава. Хедонизмот честопати е поврзан со луксуз, што не мора да значи дека е така, хедонизмот е состојба на духот, можеш да станеш рано наутро и да уживаш во изгрејсонце пиејќи кафе радувајки се на новиот ден, и тоа е хедонизам. Хедонист си ако знаеш да уживаш во убавите нешта без да пречиш на некого и притоа поради тоа никој да не страда поради твоето уживање.

Но добро светски прифатено е дека уживањето во пурите е хедонизам. Како што напоменав преферирам квалитетни рачно напавени пури, уживам во нивното конзумирање бидејки знам со која мака и мајсторија се направени. За разлика од многу уживатели на пури јас сакам пури од Доминикана, Никарагва, Хондурас, се разбира и некои Кубански пури. Омилени ми се пурите од Ј.Ц.Њуман, Роки Пател, Фадер Цигар, Падрон, Артуро Фуенте, Аштон Алек, Бредли и други. Со мојот пријател и колега Марко Трендафилов од ЛГА Импортс и Тобако работиме на ширење на пура културата во Македонија па така направивме и настан кој за прв пат се одржа 2018 година со наслов Мак Цигар Афиционадо на кој учествуваа љубители на пури од цела Македонија.  На овој настан избираме личност која е најзаслужна за ширење на пура културата во Македонија. ЛГА Импортс и Тобако е коорганизатор на турнирот за споро пушење на пури кое е квалификација за Светско првенство. Со Марко веќе почнавме да ги спремаме овие две манифестации за 2019 година.

Сакам убави автомобили посебно олдтајмери. Старите автомобили за мене имаат посебен шмек бидејќи порано за еден модел се работело повеке време и секој бренд на автомобил бил препознатлив по нешто. Денес сите автомобили заликуваат еден на друг, се е една голема комерцијала. Кабриолетите ми се омилени сакам родстери, но возењето кабриолет покрај море или во природа планина или покрај езеро е вистинско уживање. Учествувам на кабрио собири каде што ревиално се возат кабриолети. Во Македонија најпозната кабрио ревија е хуманитарното возење за превенција на ракот на дебелото црево која успешно се одржува веќе 3 години. Минатата година Барчета клубот од Македонија организираше кабрио тура која се возеше од Скопје преку Бар до Трст по јадранската магистрала каде за 12 дена посетивме 23 града и по поминати 2500 км во кабриолети се вративме успешно во Скопје.

Од патувањата односно дестинациите кои сум ги посетил, сум бил во сите соседни држави до Германија Белорусија, Русија, Азербејџан, Казакстан, Узбекистан. Секако би ги издвоил егзотичните Виетнам, Филипини и прекрасниот Тајланд. Азија е навистина прекрасна, луѓето кои живеат таму, нивната култура , прекрасните предели со природа која делува нестварно… Ако еднаш појдете на Тајланд тоа е како дрога, ве обзема и сонувате пак да отидете. Околу 650 км од Скопје постои една плажа која ја чувам во тајност со прекрасна тиркизна боја со сонце и ветер кој мириса на лето. Таму пушењето пура е нешто посебно!

View this post on Instagram

#barchetta #relaxtime #adriatic #adriaticsea

A post shared by Gabriel Stibel (@gabrielstibel) on

Што е она што те инспирира во животот? Дали имаш мотив и нешто што те води? 

Постојат три пароли во мојот живот по кој сакам да се водам. Едната е работи исправно и не се плаши од ништо, втората е немој да му правиш нешто на некого што не сакаш да ти го прават на тебе, и трета е животот е дар на природата, а убавиот живот е дар на мудроста. Со последнава мисла ги поздравувам сите луѓе со добра волја.

За авторот

Mr. M