Интервјуа

Разговор со Бојана Стојменовиќ на тема анксиозност кај мажите

Напишано од martin

Во последните неколку години, според многумина, ова е болеста на модерното време. Анксиозноста е глобален проблем кој доста често се појавува кај луѓето низ светот.

Затоа нашиот тим разговараше со Бојана Стојменовиќ, дипломиран психолог, семеен и системски советник, на тема анксиозноста кај мажите.

Дали во Македонија мажите кои имаат проблем со анксиозноста посетуваат психолог?

Веќе одамна анксиозноста не е табу тема во светот, а ниту пак кај нас. Работилниците кои што ги одржувам на оваа тема се меѓу најпосетените, а тоа ми говори дека луѓето стануваат се поотворени и пољубопитни. Голема улога во промената која што се случува кај нас во однос на ова прашање секако ја имаме ние психолозите кои низ изминативе години станавме подостапни и се поприсутни во јавноста. Во однос на годините кои што ни претстојат и промените кои што тековно ќе се случат, мислам дека ќе се отворат и нови теми кои веќе нема да бидат табу во ова наше мало општество. Погрешно е мислењето дека мажите не посетуваат психолог затоа што се посилниот пол или пак дека на нив не им треба стручна помош затоа што можат да се справат самостојно. Мажите во Македонија посетуваат психолог, а тоа говори за висока свест за сопственото ментално здравје и водење грижа за себе си.

Што е според тебе најголемата причина за појава на анксиозноста кај мажите?

Брзото темпо на живот исполнето со стрес, нови предизвици и глобални промени си носи свои последици. А една од тие последици е анксиозноста.

Дали кај мажите е поприсутна анксиозноста за разлика од кај жените?

Според некоја светска статистика постојат податоци дека мажите се генерално посклони кон анксиозност. Јас сметам дека не постои голема разлика помеѓу мажите и жените и дека овој проблем во светски рамки ги засега и двата пола.

Кои се знаците на анксиозноста?

Сите ние сме со различна свесност кога на нашето физичко и ментално поле му се случуваат некои промени.Многу често поради карактеристиката на симптомите многу лица завршуваат на преглед кај матичниот доктор или пак кај некој интернист специјалист. Дури откако резултатите ќе го потврдат доброто физичко здравје, тогаш лицата се упатуваат на психолошки преглед. Некогаш пак, се случува некое лице да прочита некое интервју од ваков тип или пак некој текст и да ги препознае симптомите кај себе. На мојата Фејсбук страна Мој психолог се почесто ми пристигнуваат пораки кога некое лице препознало некои од смптомите за кои што сум пишувала. Генерално симптомите на анксиозност вклучуваат: постојано повторување на исти мисли кои предвидуваат или исчекуваат катастрофи или непријатен исход, нарушување на сонот и потешкотии со спиењето- бидејќи мозокот не сака да се ислучи, пренагласени стравови и поголема сензитивност, проблеми со дигестивниот систем, мускулна напнатост, потешкотии во концентрацијата, губење на здив, болка во градите, панични напади. Секој од нас во одреден дел од животот почувствувал (или ќе почувствува) анксиозност. Многу често тоа е и природен одговор на некои ситуации како што се на пример полагање на некој многу важен испит, припрема за поголема промена во животот или пак некоја многу голема и важна загуба. Кога анксиозноста се јавува како природна реакција, тогаш можеме да претпоставиме и да очекуваме дека поодредено време ќе се намали и ќе исчезне. Но, што се случува кога ова чувство се јавува пролонгирано или пак се јавува одеднаш? Личноста која што страда од анксиозност има постојано претчувство дека нешто лошо ќе се случи. Анксиозноста создава силна вознемиреност која што не може да се смири и контролира со вообичаените методи за смирување. Во случај кога анксиозноста станува многу силна може да доведе и до појава на панични напади.

Како е најдобар начин да се справите со неа?

Многу лица по сите медицински прегледи и добиени уредни резултати дека се е во ред со нивното физичко здравје, се упатуваат кон преглед кај психолог или психијатар. Секако, постојат и лица кои што самостојно забележуваат дека нешто се случува на нивниот ментален план и ги препознаваат симптомите па потоа трагаат кон соодветна помош од стручните лица. Но, не е се така розово. Не сакам да бидам сфатена дека сите лица кои што имаат анксиозност имаат психолошки третман. Постојат повеќе причини поради кои некој не бара психолошка помош и останува заробен од анксиозноста. Една од причините е распространетото мислење дека тоа е премногу скапо и дека премногу долго ќе трае, што е сосема нелогично и неточно. Менталното здравје е исто толку важно колку што е и физичкото и сметам дека треба да вложиме во него затоа што здравјето и севкупната благосостојба немаат цена.  . За да се постигне успех, мора пред се да постои заеднички терапевтски договор и заедничка реципрочна работа и доверба. Погрешно е мислењето дека психологот само слуша и на крајот ќе ви каже како да постапите и што да направите- и магично проблемот ќе исчезне. Потребно е и вложување од страна на клиентот, а кога тоа ќе се постигне- тогаш успехот е неизбежен. Пред некое време една моја клиентка ми кажа:” Бојана, откако почнавме да работиме, не можам да престанам да мислам и чувствувам како да се менувам постојано. И интересно ми е тоа, отсекогаш сум сакала да го постигнам, ама не сум знаела како. “ Секако тежината на целиот процес и на големите промени со кои што таа се соочуваше пред се беа нејзина заслуга, затоа што посветено се вложи во целата работа.

За авторот

martin