Интервјуа

Роби Телекабел: „Се што сам си заслужил и чесно заработил, тоа е вредно и најслатко“

Напишано од martin

Кои беа клучните проблеми, а кои предности со кои се соочи Роберт кога почна со сопствен бизнис ? Со какви се предизвици се соочуваш секојдневно? и како се справуваш со истите?

Најголемата и единствена предност беше тоа што почнавме во Штип каде има многу ридови па луѓето имаа проблем со антените, ако ја сврти да гледа една ТВ, ќе снемаше друга. И кога почнавме имаше голем интерес за приклучување. Беше новитет и прва кабелска во Македонија, а штипјани се добри луѓе па им кажуваа на комшиите, роднините и пријателите дека со еден кабел гледаш 20 канали 🙂 Така мрежата брзо се ширеше и практично граѓаните ја правеа нашата најголема реклама.

Имаше неколку клучни проблеми во почетокот, еве ќе пробам да се потсетам на некои од нив:

Во периодот кога почнував немаше закон со кој се регулираат кабелските телевизии. Немав доволно финансиски сретства за набавка на доволна количина материјал. Ќе приклучевме неколку корисници, ќе купев кабел колку што има пари. Не беше лесно на 23 години да успееш да обезбедиш развој и плата на малата екипа која напорно работеше. Одевме заедно на приклучок, се радувавме на секој нов корисник и на секој убав збор со подршка добиен од сограѓаните.

Но, не беа сите фини, проблем беше злобата на локалните моќници – големи директори во тоа време, и синхронизираните подли сопки кои ми ги правеа… Се знаат тие кои се, но никој не им кажал дека животот е непредвидлив, знаеш каде си сега, но незнаеш каде ќе бидеш за неколку години. Затоа да бидеш и останеш човек во секоја ситуација е најголем успех. Енергијата што ја даваш добра или лоша, еден ден како таква ти се враќа.

Предизвици има многу, посебно кога почнувате да заработувате повеќе. Како расте компанијата така растат и неочекуваните ниски удари од луѓето што треба да ве подржат за да имаме успешно општество. За жал тие го прават обратното. Тоа се функционери, министри па дури и премиери и претседатели, поголем дел од нив на телевизија се слаткоречиви и фини, но во реалност се гнаси. Со справувањето на таквите гадости и подлости низ годините, вие станувате се поиздржлив и помудар, па така нереалните захтеви и игри ви стануваат нешто нормално во ненормално општество и многу повешто и полесно ги надминувате, НОРМАЛНО ако издржите до таму.

Јас сум човек што за своето да си го одбранам, за правдината да ја истерам до крај би го дал и животот. Попуштање нема, па кој сака нека биде и на каква функција нека е. Имам едено старо правило и многу го почитувам- туѓо не сакам, своето не го давам, едноставно тоа сум јас 🙂

Што е пресудно во бизнисот според тебе за да се биде успешен?

Добра и издржана идеа. Да имаш поставена цел и да не се откажуваш. Упорност и непопустливост пред пречките кои неизбежно ќе се појават. Нема успех без успони и падови, без тешки моменти и големи проблеми, но ќе бидеш посебен ако сето ова го надминеш и ја реализираш својата замисла. Најлесно е да се откаже човек на првата поголема пречка, но со тоа не си постигнал ништо. Има решение за се, само треба упорно да се бара, многу да се работи и резултатот неминовно ќе дојде. Нормално, не преку ноќ.

Веќе долги години опстојувате во бизнисот, која е според вас формулата за градење и одржување на еден успешен тим?

Спрема  колегите секогаш треба почит како спрема другар, вработениот никогаш да не го гледате како ваш потчинет, а вие да се занесувате дека сте Биг Бос, треба да ги оставите и тие да се истакнат и покажат што можат, а не вие за се да паметите и се да знаете нели како голем газда. И да направат грешка има многу фини начини да се укаже. Во моите компании работат и многу млади луѓе, тие учат од постарите и компанијата ја гледаат со почитување и ја сакаат како своја. Прекрасни луѓе работат во Телекабел, се почитуваат, си помагаат и таа хармонија во колективот се чувствува. Благодарение на добрата организација и вредните вработени, корисниците на Телекабел немаат обврзувачки договори, а не го менуваат операторот бидејќи услугите се секогаш испорачани навреме. Многу сум горд што голем дел од колегите се од почеток овде и наскоро ќе имаат 22 години стаж во Телекабел. Тие се моето најмило семејство.

Како изгледа еден работен ден на Роберт?

Со еден ваков тим за работа, работниот ден е песна за Роберт 🙂

Како се справуваш со динамичниот живот?

Вежбање, добра мисла, дружење со позитивни луѓе. Успевам да се изолирам од малограѓанштината и пробувам лесно да ги отфрлам лошите информации кои можат да ми го затроват организмот, се трудам што повеќе да ми е присутна насмевката на лицето и добрата мисла во главата. Во се барам да ја најдам поубавата страна и одам напред без умор 🙂

Кој е најдобриот совет кој некогаш си го добил?

Советот добиен како мал од родителите, да бидам добар човек. Животот ме научил дека се што сам си заслужил и чесно заработил, тоа е вредно и најслатко. Затоа компаниите на Роберт никогаш немаат земено ниту побарано грантови, државна помош или некои привилегии од државата. Не можам да сфатам како луѓето возат скапи автомобили, пијат скапи шампањи, а бараат и земаат помош од државата, каде ли им е достоинството и совеста?

За тоа време Телекабел дава донации од своите чесно заработени пари колку може да помогне на некој, да спаси некој живот. Сите се удараат во гради дека се патриоти, но држава се сака и почитува кога придонесуваш за неа, а не кога гледаш на секој начин како е најлесно да украдеш, да искористиш нешто. За жал тоа е македонскиот “патриотизам” во ова модерно време.

Борбата за правичност и хуманост е нешто што го добиваш како совет и живееш со тоа од мали нозе. Kај нас таа свест за поубав живот на сите граѓани и целото општество е изгубена и толку е надвладеана себичноста и алчноста на ,,газдите,, и функционерите што често се прашувам дали тие луѓе имаат срам и како се гледаат во огледало кога денот ќе заврши.

Расплинет си на многу обврски секојдневно. Кое е твоето мислење околу новите генерации, дали се спремни да ризикуваат за успех?

Во секоја нова генерација мора да има храбри, паметни, деца со идеи, кои ќе прераснат во пример за другите. Јас сум оптимист дека има и посакувам што повеќе да ги има. Ќе ги посоветувам што подалеку да се од политичарите, ако сакаат да се вистински бизнисмени. Бизнис и политика кога се мешаат тогаш страда државата, а вие  несвесно станувате полтрон-измеќар на моменталните политички моќници, а сте во забите на секоја наредна власт. Сигурно во одреден момент ќе имате привилегии и многу лесни пари, но со голема шанса тоа да го платите со вашето нај скапо нешто – а тоа е здравјето. Јас сум могу здрав и спијам убаво, тоа е богатството 🙂

Кои се твоите хобија? Што правиш најчесто кога немаш работни обврски?

Кога сум слободен и имам време сакам да се дружам и летам со моите пријатели параглајдеристи од Вертиго. Тој цел процес на рано станување, качување по планините, дружбата и летањето со палаглајдерот ми го прави денот многу убав. Иако е се едноставно и некој ќе рече можеби не е интересно, мене многу ме исполнува.

Колку Роберт води грижа за себе и на што најмногу трошиш?

Како одминуваат годините, животот на секого му е убав и посакува да е вечно млад. Во тоа не можат да ти помогнат ни парите ни силата, но можеме тој процес малку да го забавиме со здрава исхрана, секојдневно вежбање и квалитетна козметика. Така да последните години козметиката е на прво место 🙂

Во принцип сум скромен. За да се чувствувам исполнето и среќно, доволно е добро друштво. Најубавите журки сепак ги поминувавме во моето омилено Анџелс кафе. Многу гости се чудеа на магијата која ја имаше таму. Но, кога гостите се чувствуваат безбедно и се почитувани како гости и кога цел еден тим се грижи за да тие си поминат убаво внимавајќи на секој детал, се раѓа магија. Еве наскоро пак ќе биде отворено тоа магично место. За него ќе потрошам многу средства, но со ни едни пари на Светот не може да се купи задоволството кое го чувствуваш од среќните лица на посетителите. Кога знаеш дека некој си направил среќен барем додека е таму.

5 работи без кои Роберт не може да го замисли денот?

Хело, како сме денеска? Ова е првото нешто што го пишувам на моите најблиски кога се будам. Често сме далеку, но во мислите сме секогаш заедно. Контакти и консултации со колегите за плановите во тековниот ден, кардио или вежбање, информации од телевизиите и социјалните мрежи за случувањата кај нас и околу нас, да споделам по некој убав момент на инста-стори 🙂

Омилена дестинација на која си бил и зошто?

Имам многу омилени и убави места, но еве ќе издвојам две каде многу често одам, Ишгл во Австрија на скијање и Миами во САД на плажа кога овде е ладно. Двете места ми имаат посебна убавина, да бидам туристички таму, но не би живеел во нив.

На социјалните медиуми може да се види дека си често во Грција. Ширење на бизнисот или пак летна дестинација?

Да, во Грција сум најчесто, но патувам често и во други држави. Во Грција сум поради тоа што е блиску до дома, но и ме поврзуваат нови проекти кои веќе неколку години ги планираме и работиме на нив. Австрија исто така е во моите планови, па се надевам ако се се заврши успешно ќе се пофалам на фб или иста-стори 🙂

За авторот

martin