Успешни приказни

УСПЕШНИ ПРИКАЗНИ: Игор Босилковски- Скромното момче кое работи за компанијата Forbes

Напишано од Mr. M

Денеска нашиот тим имаше можност да слушне уште една успешна приказна од Македонија. Станува збор за младиот и скромен Игор Босилковски кој работи за една од најпознатата амерканска компанија Forbes. Да, убаво слушнавте, македонецот кој работи за најпознатиот светски медиум.

Навистина ни претставуваше огромно задоволство да ја слушнеме приказната на Игор во пријатна дружба во првиот „Drive Thru“ ресторан на КФЦ.

Како Игор се најде во компанијата Forbes? Може ли нешто повеќе за твоите почетоци?

Во Forbes почнав како практикант во јуни 2017 откако магистрирав на студиите по новинарство при Универзитетот Колумбија во Њујорк. Имав неколку интервјуа пред да ме прифатат како практикант, со уредниците кои беа задолжени за мојот сектор. Откако ме примија почнав да работам на листите за најбогатите личности во Америка која се состоеше од интервјуирање милијардери, аналитичари, адвокати, истражување владини и корпоративни документи,  и ред други работи со цел финалната бројка којашто ја имавме за секоја личност да биде најблиску што може до вистината. Веднаш по завршувањето на праксата се отвори full-time позиција која моите претпоставени ми ја понудија, и која со задоволство и без размислување ја прифатив.

Како е да се работи во една толку голема компанија?

Би рекол дека и задоволството и одговорноста се многу големи. Задоволството од причина што работите за кои пишува Forbes ги читаат илјадници луѓе ширум светот, а голем дел од нив се луѓе на исклучително одговорни позиции во приватниот и јавниот сектор. Токму од таа причина, поради тој голем број на читатели, и одговорноста за секој напишан збор и секоја објавена приказна е огромна. Новинарството како професија е од исклучителна важност за развојот и одржливоста на секоја демократија, и Forbes се труди да биде воедно и забавен и интересен, меѓутоа пред се информативен и веродостоен.

Кажи ни нешто повеќе за твојот престој во САД и искуствата од таму?

Јас во САД поминав 8 години, од кои 6 во Калифорнија и 2 во Њујорк. За тој период се изградив и на личен и професионален план и имав најразновидни искуства: од читач на сценарија во компанијата на Леонардо ДиКаприо до Претседател на студентското тело на факултетот по новинарство на Колумбија до новинар во Forbes. Америка, и многу мои другари кои сум ги запознал таму, имаат посебно улога во мојата изградба како човек и затоа ми е многу драго кога млади лица од Македонија кои ја разгледуваат Америка како опција за студии ме прашуваат за совет околу секакви прашања (од апликациите за факултет, до рангирање на факултети, до совети околу резимеа или интервјуа за работа, до аспекти од социјален живот). Доколку има кој не ме знае но би сакал да ме праша за совет, отворен сум и достапен на социјалните мрежи, и задоволство ми е ако можам и колку што можам да помогнам.

Дали според тебе младите во Македонија се спремни да ризикуваат за успех?

Мислам дека ова прашање е индивидуално и зависи до приоритетите на секоја личност во различен период од животот, меѓутоа генерално би рекол да. Го гледаме тоа и низ големиот број млади основачи на фирми, а и низ големата бројка на оние кои решаваат да си ја пробаат среќата вон границите на Македонија.

Која е разликата од начинот на фукнцонирањето на големите компании како Форбс и начинот на кој функционираат нашите?

За Forbes и за останати американски компании за кои сум работел имам најдобри коментари, а за овде не сум компетентен да зборувам бидејќи освен пракси во коишто сум имал убави искуства сеуште не сум работел full-time за македонска компанија. Како и да е, сигурен сум дека и тука има фантастични фирми со визионери на високите позиции, и тоа го гледаме низ серија успешни бизниси во најразлични полиња, најинтересни од кои секако се младите фирми кои се бават со технологија.

Што е според тебе пресудно за да се успее во она што се работи?

Две работи: првата е да се сака и вреднува сопствената работа, да се верува дека тоа што индивидуалецот го работи помага и на организацијата, и на економијата, и на општествотото во кое живее. Втората работа е поставувањето на цели кон кои личноста ќе се стреми, и со својот секојдневен труд ќе придонесува остварување на истите.

Заедно со Игор денеска го пробавме Triple Double сендвичот од КФЦ кој е исполнет со три пати повеќе состојки кои нудат одлично уживање

За авторот

Mr. M