Успешни приказни

УСПЕШНИ ПРИКАЗНИ: Михајло Колев: “Кога ќе зацртам некоја цел не можам да застанам додека не ја исполнам“

Напишано од Mr. M

Од денеска па секоја наредна недела, нашиот тим започнува нов проект под слоганот “Успешни приказни“ заедно во соработка со светскиот ланец за храна КФЦ кој е лидер во подготовка и послужување на пилешко месо.

Во опуштена и пријатна атмосфера во првиот „Drive Thru“ ресторан на КФЦ, имавме можност да разговараме со Михајло Колев, основач на маркетинг агенцијата Колев Комуникации и Робо Акдемија во Македонија.

Како се роди идејата за Колев Комуникации и Робо Академијата? Кажи ни нешто повеќе за твоите почетоци?

Имавме потреба од сериозен маркетинг за нашите други фамилијарни компании, направивме безброј состаноци со други агенции, за сепак да се одлучиме да основаме наша маркетинг агенција за да ни ги задоволи потребите. Агенцијата ја започнавме со цел да биде фокусирана на нашите компании, но го увидовме капацитетот и растот на агенцијата започна многу брзо. Сепак не застанавме тука. Веќе неколку години моја голема желба беше да ја започнам Робо Академијата која официјално ќе започне со работа на почетокот на октомври. Робо Акдемијата ја има STEM програмата од Lego Education каде што преку познатите коцки децата ќе можат да ја согледаат и разбудат нивната креативност, да се научат да решаваат проблеми, да прераснат во иноватори уште на мали нозе.

Што е според тебе пресудно за да се успее во она што се работи и дали е тежок патот до успехот?

Пресудна е желбата да постигнеш нешто повеќе, да работиш напорно и насочено кон одредени цели. Секако дека патот е тежок, тој се оди цел живот и нема крај. Не постои крајна цел до успехот. За секого поимот успех има различно значење, треба само да знаеш што за самиот себе е успех и да настојуваш да стигнеш до таму без оглед на се.

Како успеваш да направиш баланс помеѓу приватните и работните обврски?

Искрено многу тешко ми оди. Сеуште не сум стигнал до правиот баланс, но постојано се трудам да имам слободно време и за приватни работи. Понекогаш ги спојувам приватните и работните обврски во едно па некако успевам да ги задоволам двете потреби.

Колку младите според тебе се спремни да ризикуваат за успех денеска?

Мое мислење е дека треба да бидат малку по храбри, иако во последните години започнуваат да го пратат западниот тренд на претприемништво уште од млади години, сепак мислам дека сеуште сме далеку од тоа. Треба повеќе да веруваат во себе, додека сме млади имаме време за безброј грешки од коишто ќе стекнеме големо искуство. Мој совет е да ризикуваат без оглед на се, секогаш ќе можат да најдат работа каде што нема да ги исполнува, зошто да не ризикуваат да пробаат нешто што го сакаат. Храброст е секогаш да продолжиш кога нема да успееш.

Како ја задржувате мотивацијата, сигурно работата е многу стресна, во текот на денот и се соочувате со многу предизвици?

Многу голем инат сум. Кога ќе зацртам некоја цел не можам да застанам додека не ја исполнам. Секогаш наоѓам нова цел и мотивацијата доаѓа сама по себе од желба за нешто повеќе, за нешто ново. Стресот е секако присутен кога работниот ден трае долго, но го менаџирам некако со желбата за успех. Предизвиците го прават животот интересен, надминувањето на нив го прави животот значаен.

Покрај добриот разговор со Мики, не пропуштивме да ги дегустираме оброците на KFC. Мора да признаеме, ама новиот BOX MASTER е превкусен. 🙂

За авторот

Mr. M