Успешни приказни

УСПЕШНИ ПРИКАЗНИ: Симон Ендровски: “Идејата за брендот Bella била оригинална, но за сегашниот успех е задолжен тимот“

Напишано од Mr. M

Во првиот „Drive Thru“ ресторан на КФЦ нашиот тим имаше ручек со еден од сопствениците на познатиот македонски моден бренд Bella. Дел од втората генерација на овој успешен фамилијарен бизнис.

Како Симон Ендровски се најде во светот на бизнисот? Може ли нешто за твоите почетоци?

Јас искрено бев роден во бизнисот и знаев дека ќе бидам дел од него. Bella е сепак фамилијарен бизнис и имав прилика да растам уште од мали нозе и да се запознавам со овој свет. Уште пред да се запишам на факултет јас знаев што ќе работам и што ќе правам после тоа. Почнав да работам пред околу 11 години на мои 21 година. Првата работа која што почнав да ја работам е развој на маркетингот, потоа продажба и сега се враќам назад во производство.

Што е пресудно за да се успее во она што се работи?

Успехот за мене е микс од знаење, труд и тим позади вас, особено ако во случајов збориме за нашиот бренд Bella. Миксот на тимот за мене е прилично важен поради тоа што не можете да знаете се особено нашата компанија Bella има прилично голема вертикална интеграција. Почнуваме од дизајн, производство па продажба. Тоа се три комплетно различни сектори и не можеш да си експерт за се тоа. Секој си бара внимание и мислам дека идејата за брендот Bella била оргинална, но за сегашниот успех е задолжен тимот.

Која година е основан брендот Bella и која генерација си ти во неа? 

Јас сум втора генерација во Bella. Мојата мајка и мојата баба се оние кои го основале брендот. Bella постои уште во почетокот на 80-тите години, но во формата како што ја знаеме денеска е од 1991 година. Почетоците на компанијата биле без производство, па потоа започнале и со свое производство.

Како успеваш да направиш баланс помеѓу приватните обврски и работата? 

Имам фатено ритам и се трудам да одмарам што е можно повеќе, иако немам премногу време за одмор. Имам неделен ритам, на почетокот на неделата знам да поминувам повеќе време на работа, знам некогаш и доцна навечер да се вратам дома. Како поминува неделата станувам повеќе заморен и си го кратам работниот ден. Кога ќе забележам дека не сум продуктивен некогаш, се трудам да се префрлам на приватниот живот ако ситуацијата го дозволува тоа во моментот. Не е секогаш возможно бидејќи има некои работи кои што мора да бидат завршени во рок и тука немам баш време за приватен живот, меѓутоа не е тоа секојдневие. Морам да се пофалам дека во последнава година имам направено некој баланс и да имам доволно време да се чуствувам среќен без разлика што доста време поминувам на работа.

Како тече еден процес на производство во една голема компанија како што е Bella? 

Ова е интересно прашање бидејќи процесот не е секогаш ист. Произведуваме над 200 производи различни во текот на годината. Во суштина станува збор за трка со времето. Во моментов работиме и учиме на стекнување на знаење како да дојдеме до подобри дизајни и како до подобар инженеринг на производите. Исто така учиме повеќе за нашите производи како да направиме нивен out source. Еден од чекорите како би постигнале капацитет е со вадење на производството надвор од нашите капацитети.

Колку младите според тебе се спремни кај нас да ризикуваат за успех? 

Не би сакал да ги генерализирам младите, бидејќи сум сретнал многу различни типови на луѓе. За жал може нема доволно млади кои што остануваат во моментов во нашата држава па да можам попрецизно да го одговорам ова прашање. Можеби најхрабрите веќе заминаа од тука. Се спремни да ризикуваат, сакаат да припаѓаат, долго време се мислеше за младата генерација дека не сакаат да припаѓа, дека ќе биде претерано индивидуалистична, но меѓутоа не е одлика на милениалс ако зборуваме за оваа генерација. За мене младите се претерано нестрпливи, но не можам да кажам дека не сакаат да работа. Младите кои што ги имаме кај нас во компанијата се одлични и се дел од тимот.

Како дел од менаџментот на еден голем фамилијарен бизнис, како е да се биде дел од толку голема компанија, со какви предизвици се соочувате секојдневно и како се справувате со конкуренцијата? 

Предизвици постојат секогаш, особено кај нас бидејќи е проблематичен пазарот на труд и пазарот каде што продаваме. Многу често се менуваат легислативите и тоа сметаме дека ни е проблем и тешко ни е да ги следиме. Меѓутоа тоа што зависи од нас секогаш се трудиме да вроди со успех без разлика колку ситуацијата е невозможна. Конкуренцијата е прилично жестока и нашата индустрија е една од најстарите. Пробуваш да најдеш нешто уникатно кое што ќе те одвои од останатите и ќе ти дозволи да бидеш во предност.

Како ја задржуваш мотивацијата, сигурно работата знае да биде стресна?

Многу пати ми се има случено нозете да не сакаат да ми одат на работа. 🙂 Многу пати сум размислувал како да влезам во друг бизнис и да го напуштам овој, но тогаш мотивацијата ја барам во малите работи. Ме радува секогаш кога ќе видам луѓе облечени во Bella, ме радува кога моите вработени се среќни и ме радува кога постигнуваме успеси и таргети за мене лично како менаџер. Буквално секаде каде што можам да најдам инспирација ја барам.

Денеска со Симон на мени имавме од препознатливите кофички на КФЦ исполнети со превкусните пикантни пилешки крилца и Crispy Strips.

За авторот

Mr. M