Интервјуа Пијалоци

Васил Пеевски: “Секоја девојка ќе падне на Cosmopolitan, а за свој мерак Old Fashion“

Напишано од Mr. M

Денеска нашиот имаше можност да разговара со Васил Пеевски, еден од најдобрите бармени во Македонија. Тој во оваа професија влегува уште на негова 18 годишна возраст, а денеска неговото име е повеќе од бренд. Љубовта и посветеноста кон работата се најголемите причини поради кои Васил прерасна во тоа што е денеска. Покрај неговите професионални ангажмани, активно работи на подигнување на коктел културата во Македонија на врвно ниво. Добитник е наградата Бармен Шампион во Македонија, а моментално е бренд амбасадор на една од најуспешните компании за производство на алхохол.

Како се роди љубовта кон оваа професија? Можели нешто повеќе за твоите почетоци?

Желбата и љубовта за оваа прoфесија се роди сосема случајно. По сугестија на мајка ми се запишав на курс за бармени и така започна мојата приказна. Среќната околност е што имав одличен ментор за време на курсот, кој ми ги отвори очите за да навлезам уште по детално во самата професија. Понекогаш треба да дозволите на универзумот целосно да раководи со вашиот живот.

Како се усовршуваше во текот на својата кариера? Дали посетуваше некои курсеви за твојата работа?

Самата професија е доста динамична, а со тоа од вас бара да сте постојано во чекор со времето. Се менуваат трендови и вкусови кои мора да ги следите. Па со самото тоа доаѓа и потребата од постојана надогрдба. Јас имам посетено многу курсеви и семинари, како во нашата држава така и надвор. Исто така има многу книги од кои може многу да се научи, а секако и континуитетот по натпреварите за бармени не е на одмет.

Каде луѓето во моментов може да уживаат во твоите коктели?

Во моментов немам постојано место позади шанк бидејќи работам како бренд амбасадор за една од најголемите светски компании во производството на алкохол. Па така луѓето може да ме видат единствено на некои евенти или коктел кетеринзи.

Кажи ни предлог три коктели кои секој маж треба да знае да ги направи?

Според мене секоја девојка ќе падне на Cosmopolitan, но мислам дека добро е да знаат да направат и Margarita. Тие се коктелите за да им се допаднат повеќе на девојките, а за свој мерак добро е да знаат да си подготват Old Fashion.

Кој коктел според тебе е омилен на македонците и најмногу го порачуваат?

Тука нема двоумење. Дефинитивно тоа е Мохито. Убав освежителен коктел, но не знам зошто македонците не сакаат да пробаат и други исто така убави и освежителни коктели.

Што е она што најмногу го сакаш во твојата професија?

Насмевката и позитивната енергија кај гостите. Цел ми да ги направам гостите среќни и за момент да се отргнат од лошите мисли и само да се опуштат и да уживаат во вечерта. Сакам кога гостите си заминуваат од мојот бар по ведри и насмеани одколку кога влегуваат на почеток.

Што би им препорачал на оние кои сакаат да се занимаваат со оваа професија?

Добро да анализираат дали навистина оваа професија е за нив, бидејки не е се така розево. Нема да можете постојано да пиете додека сте на работа, не е професија за да бидете главни кај девојките, кога сите одмараат вие работите, заборавете на патувања за време на викенди итн. Знам дека малку ќе ги заплашам со ова сите оние кои размислуваат да започнат со оваа професија, но тоа е реалноста. Сепак има толку многу убави работи што ќе оставам сами да ги дознаат.

За авторот

Mr. M