Интервјуа

Жаре Еден на Еден: “Само пренапорната работа е единствениот пат до целта”

Напишано од Mr. M

Денеска нашиот тим имаше можност да разговара со Жарко Димитриоски, едно од најпознатите јавни лица во Македонија. На сите познат по легендарната ТВ емисија Еден на Еден, основач на маркетинг агенција и избран меѓу најуспешните во категоријата „Media&Marketing“ според Forbs „30 under 30 Europe“.

Како се роди приказната Еден на Еден, може ли нешто за почетоците на агенцијата?

Еден на Еден беше само ток шоу. Ток шоу кое го работиме до ден денес и ни е нашиот омилен проект, она по кое не запозна и засака публиката, она што ни ги отвораше вратите на почетокот. А почетокот дојде спонтано. Еден мал тим во кој бев член и јас, одлучи нашето знаење за медиуми, продукција економија (во маркетинг агенцијата имаме 4-ца сертифицирани инвестициски советници) контакти, се она што сме го собрале низ годините, да го земеме на куп и да основаме маркетинг агенција. Клиентите дојдоа, ни помогнаа да пораснеме, голем број од нив ги водиме со години и не сметаат за дел од нивните компании, речиси како продолжен оддел. Тоа е вистинска реткост во индустријата, многу сум горд на тоа.

Што е според тебе пресудно за успехот и да се успее во она што се работи?

Труд и љубов. Да работиш еден час повеќе од сите, да имаш страст за нештото малку повеќе од другите. Секогаш е тоа.

Како успеваш да направиш баланс помеѓу приватните обврски и оние од професионалниот свет?

Можеби и не успевам, а можеби и успевам. Не знам. Не сум нашол рецепт за тоа, ако има, кажете ми како да го најдам. Баланс помеѓу едно и друго мислам дека не постои. Постои само ниво кое ти кажува колку си среќен. Ако дремеш по цели денови и тоа те прави искрено среќен – go for it! Тоа е животот за тебе, прифати го легачењето со сета љубов и биди најголемата мрза на свет! Клучот е во тоа да се спознаеш себеси – што е она што навистина го сакаш. И да не се плашиш да си го оствариш.

Гардероба: City Fashion

Како изгледа еден твој работен ден? Дали ја уживате привилегијата на викенд или викендот за вас секогаш има доза на работни обврски?

Токму тие „викенди“ или денови без обврски се твојата најголема шанса! Ако си така програмиран да за тебе не постои ден без обврска, ако љубовта ти е работа и работата ти е љубов, ако ти доаѓаат идеи и додека си во канцеларија и додека скијаш и додека се тушираш, тогаш си на најдобриот пат ако сакаш да се профилираш во претприемач, во човек гладен за раст, за успех, за бизнис. Секој ден е работен ден. Не постои 9 до 5, не постои одам дома и не мислам на работа… Ако не си ја сакаш професијата, најди си друга. Бидејќи ако си во фазон на доаѓам на работа само за да се искуцам – уфффф… Многу неубаво.

Колку според тебе младите во Македонија се спремни да ризикуваат за успех?

Мислам дека во Македонија има многу млади талентирани луѓе. Но подготвеноста на ризик, на борба, на беспоштедна работа… Мислам дека во тие домени има уште многу што да научат. Без разлика што поедини примери даваат впечаток дека постојат скратени патишта до успех, дека може да се рипнат скалила и скалила одеднаш, реалноста е сосема поинаква. Само пренапорната работа е единствениот пат до целта. Кој си го сфатил тоа навреме, ќе нема проблеми.

Гардероба: City Fashion

Колку е според тебе важен стилот на облекување и вкупниот изглед во бизнис светот?

Нашата професија е креативна, но не е и несериозна. Да изгледаш респектабилно е многу важно. Нема втора шанса за прв впечаток и тоа е максимално точно. Секој амбициозен и паметен човек во бизнис светот, мора да одвои адекватно време и на облеката, како и на целиот изглед.

Колку Жаре води грижа за својот изглед и дали како јавна личност некој се грижи за твојот изглед?

Таква е работата, мора да се води грижа колку што се може повеќе. За жал, не секогаш обврските ти дозволуваат да изгледаш пиц-пец. За среќа, кога снимам Еден на Еден изгледам топ. Имам супер тим во девојките од Fashionel, а облеката ја земаме од според мене број 1 бутикот за мажи, City Fashion. Со Пјер Карден, не можеш да згрешиш. Можеш да згрешиш да речеме, доколку му оставиш на Мешевски да ти го креира изгледот или Спасе! Уфффф… Неубаво.

Гардероба: City Fashion

5 работи без кои не можеш да си го замислиш денот?

Работа, GOOD NATURE, телефон, компјутер, тоалет. Замисли ден каде што нема тоалет?! Уффф… Неубаво.

Како го поминуваш слободното време, во што уживаш најмногу?

Добра серија, ладен Златен Даб, нешто за грицкање… Еден тон скијање во зима и еден куп книги во лето. Идеите сами си доаѓаат… 🙂

За авторот

Mr. M