Економија Интервјуа

Златко Јакимовски: “Македонците се народ на спектакуларни заблуди“

Напишано од Mr. M

Оваа недела имавме можност да ја започнеме со еден пријатен и интересен разогвор со Златко Јакимовски. Магистер по казнено право, докторанд на деловно право, претприемач (еден од сопствениците на Јакимовски Шпед) и експерт во областа на правото како наука. Иако е сеуште млад, преку неговата амбиција и желба за напредок, Златко полека се издигнува како еден од најперспективните млади кадри во Македонија.

Со него разговараме за неколку клучни теми во нашето опшество, а тоа бизнис климата и економијата. Прочитајте што мисли Златко на оваа тема…

Каква е според тебе бизнис климата во Македонија во моментов?

Македонците се народ на спектакуларни заблуди. Бизнис климата во Македонија или ти инвестиционото опкружување би требало да претставува апликација на целокупниот економски систем на водењето бизнис. Односно треба да дадеме одговор на едно базично прашање, како еконмскиот систем во целина влијае на одлука на граѓаните да инвестираат во даден момент во дадена област. Од тие причини слободно можам да кажам дека како општество од аспект на бизнис северномакедонците се во огромна заблуда. Постојано политикантите ни ја полнат главата како напредуваме на doing business листите, имаме најниски даноци на корпоративна добивка, а никаде нема ниту добивка ниту инвестиции. А тоа е така затоа што ние за 30 години не успеавме да направиме еден софистициран производ кој што се вика држава. Држава во која што се почитуваат основните концепти на сопственоста и договорот. Македонскиот проблем е многу поголем од тоа што нашите политичари пробуваат да ни го претстават. Се руши конструкцијата а ние правиме фасада! Мораме да се „свртиме“ кон темелите, како куќата не би се срушила, тоа значи дека треба да се конципира ефтина, ефикасна, образована и некорумпирана држава, која би била одржлива. „Не ваља“ начинот на кој се креира македонскиот БДП. Не може во секое градче или поголем град да има 69 кафичи, 15 банки и 17 политички партии, а ниту една ФАБРИКА. Мнозинството не плаќа данок, најбогатите се најголеми должници. Сивата и црната економија се поголеми од „легалната“. Се ствара една клима дека на сите ќе им бидат опростени долговите. Граѓаните имаат имот кој е преголем и за европски стандарди – куќи, викендици, станови, коли, но не и плати или пензии, од кои што не можат ниту греење да си платат. Затоа денес македонското стопанство личи на еден „КАЗАН“ во кој никој не сака ништо да стави а сите се „тепаат“ кој да се земе „црпката“. Личи на шлепер чиј што мотор е мал и е дефект, а каросеријата е пренатрупана со непотребни работи, а сите се борат за воланот. Претпријатијата имаат погрешен баланс помеѓу „фиксниот имот“ и опремата, немаат адекватно производство и ако сето тоа не се промени, нема да можат да се „одржат во кредити“. Тие личат на организам со лош метаболизам, колку повеќе јадат толку се послаби. Ние трошиме повеќе од што проиведуваме, увезуваме повеќе од што извезуваме, тоа е неодржливо. Политиката  мора да биде склона кон реформи, која нема да се води од паролата „ќе најдам пари па ќе им дадам“, туку истата да им објасни на граѓаните дека парите мора да се ЗАРАБОТАТ!

Тука доаѓаме до втората заблуда, а тоа е дека се наметна една мантра во општеството дека под работа се подразбира единствено ‘рмбање. А суштината е во нешто друго. Суштината е дека не е битно колку работите туку што работите. Во Северна Македонија, во последно време константно се наметнува една теза дека е битно колку човек работи. Ова претставува некоја промоција на одреден начин на живот, кој што можеби за некого има смисла но не е битно колку работите туку што работите. Сиромашните народи „црнчат од јутра до сутра.“ Сељаците во Египет работат по цел ден, оние што пасат овци по цел ден нешто прават. Оние народи кои што се високо-продуктивни го скратуваат работното време, истото важи и за фабриките и за инвестициите. Клучно е прашањето што се произведува во една фабрика и колку во тој производ е содржано „ЗНАЕЊЕТО“!

Имате на пример некои продукти кои што ги произведуваат определени држави, потоа почнуваат да се произведуваат и на друго место, но приносите за истите опаѓаат. Кога ќе достигнат одредена точка на смален принос, нпр Англичаните велат ние веќе тоа не го произведуваме, и тоа го препуштаат на одредени други народи, но стапката на приност тогаш ќе опадне дури и до 1%. Земете го на пример англискиот ШТОФ, најпознатиот штоф, се произведувал во 18. Век во Манчестер и истиот имал приноси какви што сега дава например ИТ. Потоа Англичаните поизведуваат парни локомотиви, па автомобили, кои објективно беа најдобри нпр Ролс Ројс. Денес ништо од тоа не се произведува во Англија, затоа што стапката на принос кај тие продукти е многу ниска. Денес најголем производител на текстил е Виетнам, денес стапката на приност на текстилот и воопшто на конфекцијата е 2%, но БРЕНДОТ заработува. Се шие тоа во Виетнам, но се креира во Милано. И разликата од цената до продуктот оди во Милано. Значи тоа е клучното прашање, не колку туку што работиш, и во која фаза од техничкиот прогрес се наоѓаш.

Работи и оној што во Лесковац „заварува Ауспуси“ но работи и оној во Минхен кој што произведува чипови кои го регулираат работењето на дизел моторот кај Мерцедес и БМВ. Па потоа се чудиме како тој во Михнен заработува многу, а оној во Лесковац не може да се прехрани.

Единствениот фактор на производсво кој што нам ни стои на располагање, а кој со неговото трошење се зголемува е ЗНАЕЊЕТО! Трошите нафта и истата на снемува, сечете шума исчезнува. Затоа денес најгобатите народи се оние кои го продаваат своето знаење. Затоа денес најголем извозен продукт на Англија е Англискиот Јазик, и англиските институции. Ние сеуште се занимаваме со врачарки и ријалити шоу-а.

Да фрлиме еден објективен поглед на работите, поглед кој што е изолиран од емоции. Со што тоа ние како држава располагаме и што можеме некому да му понудиме за да тој дојде и да инвестира во Северна Македонија? Веројатно одговорот е ништо, освен ефтина работна сила која што нема доволно компетенции и квалификации. На страна формалното образование, бидејки дипломата без знаење не претставува хартија од вредност.

Слободно може да се каже дека бизнис климата односно перцепцијата за водење на бизнис не е иста за домашните и странските инвеститори.  Бидејки странските инвеститори ја гледаат оваа држава како проточен бојлер, каде што ефтина работна сила и силни дотации од државата ќе и овозможат само голем профит кој што секако ќе биде изнесен од државата.

Колку според тебе се важните малите претпријатија за економијата на државата?

Малите и средните претпријатија се од исклучителна важност за економијата на една држава. Меѓутоа кога станува збор за Северна Македонија мислам дека малку ни е утната концепцијата на водење бизнис преку мали и средни претпријатија. Честопати на шала знам да кажам дека нашата држава се залага за развојот на малите и средни претпријатија на начин што од големите прави средни а од средните мали претпријатија. МСП се одликуваат со одредени карактеристики кои што можат да дадат едни константни резултати само во здрава економија, каде што постојат јасни правила на игра. Секаде во светот малите и средни претпријатија се потпираат доминантно на човечкиот капитал, на неговата иновативност и креативност. Тие се трудоинтезивни, за разлика од големата индустрија која што пред се се потпира на крупен капитал, тоа кај МСП не е случај.  Малите и средни претпријатија во суштина се претпријатија каде што не е одвоена сопственоста од управувањето, тоа е суштината, дека сопственикот поседува претприемачки дух и е спремен да влезе во ризик односно инвестиција бидејки верува дека на крајот тоа ќе му се „исплати“. Тоа значи дека постојат јасни правила на игра кои што правила на игра треба да бидат почитувани од сите. На база на тие правила луѓето прават планови потоа инвестираат, на крајот ги „собираат плодовите од својот труд и вкалкулиран ризик“, што во Северна Македонија не е случај.

Дали во моментов имаме поволна економија за започнување на бизнис?

Кога ќе мрднете надвор од овие граници, прво нешто што ќе приметите е дека луѓе имаат некои планови, дека тие планови се засноваат на некои информации, дека постојат некои стабилни трендови. Луѓето таму ги рачунаат своите живот до гроб, а овде тоа е невозможно, бидејки околностите се постојано променливи, како да играте шах на некоја табла на која се појавуваат некои невозможни фигури, па таблата има 180 па 230 полиња. Како да играте така? Не можете вие тука да играте ниту да планирате било што. Кога станува збор за водењето на бизнис  и пред се започнувањето на бизис треба да се нагласи дека секаде во светот постојат времиња „кога се прават пари“ и времиња кога е успех да се одржи она што било стекнато во времињата кога се правеле пари. Сметам дека ние ги живееме овие втори времиња. Тука започнувањето на сопствен бизнис не се сфаќа како инстурмент за трупање на капитал преку правење на профит, туку како социјален програм за себевработување, каде што работите за сопствената плата. За жал.

Дали треба да се направат промени во економијата и какви?

Нема здрава економија без средна класа. Нема средна класа без конкуренција. Нема конкуренција без пазар. Нема пазар без јасни правила на игра. И така во еден маѓепсан круг.

Во нормално општество државата ги конституира правилата на игра и субјектите играат по тие правила и успеваат или не успеваат во ситуација кога правилата им биле однапред познати. Ние за жал живееме во општество каде правилата на играта се менуваат пост-свестум. Тука топката се додава надвор од аут линијата, се свири пенал кога го нема, овде државата прераспределува.

Да го земеме на пример девизниот курс. Имаме еден дво-валутен систем каде лѓето се опседнати со тоа „колку е тоа евра?“ И повеќето луѓе сметаат дека тоа е нормална појава. Парите се конвенција. Америка живее на начин што „манипулира“ со парите и кредитите во глобални размери. Ние тоа не можеме да го правиме, ние „манипулираме“ на начин што вршиме интер-секторска, интер-темпорална и интер-генерациска прераспределба на личниот доход.

Денес живееме во општетво каде што „Сиротиња“ се нето-доверители, а главните „капиталисти“ се нето-должници.
„Забранетото овошје“ за секоја Влада е средната класа која што изумира.
Треба да се запрашаме кој има „заштеда?“ Повеќе или помалку тоа е средната класа. Како таа заштеда да ја „зграбиме“, тоа е прашање со која што се занимава секоја влада. Да кажеме Милошевиќ ја „украл“ таа заштеда преку инфлацијата така е формиран тој почетен капитал на Кипар. Нешто слично е и со нас. Македонците не се народ кој нешто зграбил од „другите“ не сме ние Британија да сме имале свои колонии. Ние само се крадеме меѓусебно, никогаш не сме украле од другите.

Денес преку девизниот се врши интер-темпорална прераспределба. Што значи тоа? Ние имаме дијаспора, и имаме некој Радован од Дортмунд, кој што испраќа 50 ОЈРА (вели ојра а на евра бидејки веќе шпреха полу немачки), испраќа за прасе за Велигден. Но не е прасето веќе 50 туку 100 евра. И Радован не може да сфати дека сега веќе за прасе треба 100 евра, за овие тука да го прослават Христовото воскресение. Значи ние го земаме доходот на Радован кој што е створен пред 5-6 години штедење. Тука е направен еден систем кој се ви одзема.

Тука доаѓаме до главниот проблем. Значи овде нам не ни се дозволува по ниту една цена да направиме портфолио. Суштината на средната класа е дека истата мора да го има следното портфолио: Личен доход, имот и заштеда.

А што му е дозволено на еден македонец да има? Куќа и викендица и заштеда. Ние мораме да имаме комбинација од имот и доход. Комбинација од стабилен фиксен имот и доход кој што го генерира тој стабилен имот, да кажеме рента од стан. Тоа нама не ни е дозволено. Постојано народот погрешно се усмерува. Денес сите бегаат од „штедење“ и купуваат станови или градат станови. Па денес имаме 12 станвои а 8 жители во една зграда.

Тоа е тој стратешки договор на секоја влада преку апрецијација на курсот да се „украде“ девизната заштеда на дијаспората и да ја префрли во долговното салдо. Тука го има тоа кога не плаќате струја да добиете 40% дисконт и ветување за отпис на долгови а ако плаќате редовно не добивате ништо.

Ова е должничко општество каде што една група само опстојува преку прераспределба. Видете тука никој не се обогатил затоа што смислил парна машина или го открил Фејсбук. Тука секоја влада има свои богаташи, силеџии и робијаши.

Северномакедонецот кој има вишок на доход не може да биде кредитор на Телеком и да купи негови обврзници за 8% камата што е редовно во нормални општества, туку мора да штеди во банка по 0,01%, дури треба да биде среќен што не треба да и плаќа на банката. А потоа истата банка му дава кредит на Телеком за 8% камата.
Тука не може да поседувате акции, бидејки е системот така смислен да го исклучи поединецот, морате да земете боркер, дилер кој ви зема провизија од се и сешто на купување, на продажба итн. а вие само плачете.

Значи суштинско е тоа што тука не може да направите портфолио како поединец, претпријатие или држава. Луѓето во Северна Македонија имаат имот, а се сиротиња. Се зголемуваат само даноците. Добриот систем ве дефинира. Ние денес имаме Кадилак, а немаме за бенизн. Секој селанец во Кучевиште има куќа од 300 квадрати.

Ова се структруни проблеми каде што некој постојано наоѓа начин како да прегрупира доход кој што не е негов. Така доаѓаме и до тој прогресивен данок. Докторот кој заработува 2 000 евра на месец тој ќе плаќа 18% а Макпетрол ќе плаќа 10% данок на добивка. Така доаѓаме до тој зачаран круг, работи штеди инвестирај и на крај пропадни.

Тука се испраќа една порака дека е порентабилно да се лепат плакати отколку да учите виша математика.

Тука недостасува една дијагноза на ова што се случува. Денес 200 евра е симбол на Северна Македонија. Тоа што денес 200 евра се 5 пати помалку од 200 марки тоа е друга работа. Порано 200 марки биле милион Италијански Лири со тие пари сте можеле во Трст да бидете Тито. Денес со 200 евра не можете да ручате во Италија, поготово доколку сте малку „радознали“ да пробате нешто вкусно.

Значи тоа се случува. Денес средната класа има проблем насекаде, дури и во Америка. А тука се „згнале“ сите и кусо и репато на средната класа. Тука ништо не е случајно. И мене тоа ме навредува бидејки сметам дека невозможно е да се направи една нормална и демократска држава без средна класа.

Невозможно. Никој не успеал. Средната класа „никнува“ од конкуренцијата. Средна класа е врвен доктор, адвокат, пилот, тоа не е сопственичка класа. А тие овде се вишок спреммни за извоз.

*Сите информации кои што се наведени во ова интервју се личен став на говорникот и не се став на уредничката политика на Friday.mk

За авторот

Mr. M